Модриците кај доенчето биле од земање венска крв, а не насилство од медицинската сестра (видео)
Случајот кој беше искористен од одредени партии да се инсинуира меѓуетничка нетрпеливост е заклучен. Нема вина кај медицинската сестра
Медицинската сестра на Клиниката за детски болести му земала венска крв на тримесечното доенче, а бидејќи се работи за премногу мало бебе, најчесто две сестри го прават тоа. Едната ја фиксира раката на детето, држејќи ги надлактицата и подлактицата на пациентот, а другата боцка вена за да земе крв.
Нормална, секојдневна процедура, ја разбранува македонската јавност, затоа што семејството на пациентот алармираше дека детето било жртва на насилство и тоа врз етничка основа, односно сестрата од македонска националност, наводно не можела да се разбере со мајката Албанка.
Тоа беше причина и новиот директор на клиниката Реџеп Мемеди и министерот за здравство Арбен Таравари да го посетат семејството во нивниот дом.
Беше формирана Комисија од тројца доктори, кои требаше да ги утврдат фактите, а тие вчера се состанале, поразговарале со медицинскиот персонал, при што утврдиле дека кај нив нема одговорност.
Ова денеска го потврди директорот на клиниката Реџеп Мемеди на прес-конференција:
„Сметаме дека причина за алармирање било едно неразбирање со дедото на детето кое се случило претходниот ден и губење на довербата на родителите кон медицинската сестра“, рече Мемеди денеска.
Според Клиниката, родителите на бебето и медицинската рака си подале рака и се смириле. Случајот е затворен, а за медицинската сестра нема да биде покрената дисциплинска постапка.
Мемеди немаше одговор зошто сестрата веднаш не била сослушана. Тврди дека било викенд и немало потреба да се брза. Тој рече дека не сносат одговорност за коментари на индивидуалци, но да даде одговор зошто се дозволи да помине толку време, за да се испровоцираат коментари.
На иста линија, денеска изјава даде и министерот за здравство Арбен Таравари, кој пак не ни знаеше точно кого Комисијата го испитувала, за медицинска сестра беше сигурен, а дали се испрашувал и болничар или друга медицинска сестра, не знаеше.
„Случајот со модриците кај тримесечното бебе е поради невнимание од медицинските сестри. Бебето било немирно, но не сакам дефинитивно да кажам бидејќи писмено немам добиено. Преземени се одредени дисциплински мерки“, рече министерот Арбен Таравари за причините со повредите кај доенчето, по разговорот со директорот на Клиниката за педијатрија.
Министерот побара медицинскиот кадар да биде внимателен со сите пациенти, а особено со децата.
Таравари се надева дека мерките од Комисијата и директорот ќе се ефектуираат, а доколку се повтори вакво нешто, треба веднаш да се исклучи медицинскиот кадар. Сепак, тој е дециден дека нема докази дека намерно е повредено тримесечното бебе.
„Не верувам дека постои здравствен работник кој би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимателни. Дисциплинската постапка најверојатно се води за една медицинска сестра и за еден болничар, но не сум сигурен. Очекувам писмено да ми бидат испратени“, кажа Таравари пред медиумите.
Семејството обвини медицинска сестра дека намерно го повредила детето. Политички партии од албанскиот блок инсинураа дека модринките биле направени намерно од медицинската сестра затоа што бебето било Албанче. Од Унијата на медицински сестри побара што поскоро да расчисти случајот и со име и презиме да бидат прозвани сите што погрешиле за да не се фрла дамка врз сите сестри.
Министерот во петокот го посети семејството, откако се пожалија дека бебето на Клиниката не било третирано како што треба.