Модната аукција ја собра дизајнерската елита – еве чија тоалета донесе најмногу пари за добротворни цели
Дизајнерската елита од Македонија, синоќа, заедно со студентите и личности од јавниот живот, присуствуваше на добротворната аукција на Конект: Wear the Change: Fashion Auction with a Cause, со која финишираше четиридневната програма на 29. Моден викенд Скопје, чиј творец е Света Богова- Јовановска.
На специјалното шоу водено од гласноговорникот на кампањата денови за донирање Огнен Јанески и Никола Трајковски од Конект, над 120 присутни, вљубеници во модата и филантропијата се наддаваа донирајќи за мало богатство на дизајни на Никола Булески, Лидија Георгиева, Никола Ефтимов, „Алшар“ на Силвија Михајловска, Ирина Тошева, Росица Мршиќ, Катерина Тошева, Terziya, „Bella“, „Milkbride“, Александар Стојанов – Зорин и студентите на „Скала“: Сара Величковска, Михаела Штерјова, Татјана Гиновска, Марија Трајковска, Снежана Ефковска под менторство на Никола Булески, Александар Ношпал, Катерина Тошева и Антонија Гугинска Јорданоска.
Секој купен дизајн значеше и поддршка за Фондот за филантропија и неговите иницијативи за превенција на пожари, технологија за деца со попречености, помош за пациенти со рак и едукативни програми за младите.
Со оваа филантропска вечер, модниот настан кај нас од регионален карактер, докажа дека модата може да биде двигател за позитивни промени и поттик за свесност во заедницата. Четиридневната програма остави силна порака – „Модата е вечна“ само кога е одговорна и инклузивна, нудејќи инспирација за иднината на модната индустрија како етичка и одржлива сила во општеството.
Драматичната креација, во петролеј и црна боја на тандемот дизајнер- студент, Александар Ношпал и Татјана Гиновска, синоќа, ја освои најголемата донација – 30 500 денари.
Оваа креација, во Штип, во септември, исто така привлече големо внимание на пистата.
Последниот ден на 29. Моден Викенд Скопје, синоќа, исто така, донесе извонреден спој на креативност и заедница.
Денот започна со SHOWROOM FWSK & Lab: Design Market, каде модните ентузијасти се најдоа во креативно окружување исполнето со ексклузивни дизајнерски парчиња и инспиративни дизајнери. Овој пазар на дизајн го потенцираше слоганот „Модата е вечна“ и ја истакна посветеноста на настанот кон одржливоста и поддршката на локалните креативци, отворајќи платформа за дијалог за модната одговорност.
Л. Сабит, Фото: Моден викенд Скопје
Овој настан, кој одамна ги има надминато националните граници и го носи светот дома, ја заокружи четиридневната прослава на одржливоста и општествената одговорност со теми кои беа во срцето на овогодинешното издание. Настанот, под слоганот „Модата е вечна,“ се потврди како платформа за промоција на еко-свесни и етички пристапи кон модата, спојувајќи ги локалните таленти со глобалните искуства.