Модна ревија на коктел фустани во Битола изработена од средношколци

Ревијата ќе биде на 4 јуни во Офицерскиот дом. Креациите ќе ги носат познати и успешни дами од Битола


Битолските средношколки макотрпни работат на креациите за модната ревија

 

БИТОЛА – Модна ревија на коктел фустани ќе продефилира во Офицерскиот дом во Битола, а што е најинтересно ќе биде изработена од средношколците од текстилната струка на средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола. Ревијата веќе наголемо се подготвува и е во соработка со Продукција „Божиловиќ“ и  Културно-информативниот центар од Битола.

Битолчанки со векови наназад ја негувале европска мода, со здолништа изработени од свила, атлас, кадифе, со чипка, тантела, налик на дамите од  Париз, Виена, Солун… Таа традиција овој пат продолжува со ревија на долги и кратки коктел фустани, своевидна современа модна приказна каде младата модна сила ќе дизајнира заедно со професионални модни дизајнери од градот. 

Креативниот ден е најавен за 4 јуни во 18 часот во реновираниот Офицерски дом, а моделите на ревијата ќе ги носат познати битолчанки, успешни дами. Секоја од нив ќе ја купи креацијата што ќе ја носи, бидејќи настанот има и хуманитарна димензија, а целата е со собраните средства да се доопреми кабинетот на текстилната насока, каде во моментот учениците се подготвуваат за настанот.

„Стручните училишта  треба да ги вратиме повторно  во фокусот на вниманието на младите. ’Креативен Ден’ е задача и предизвик што им го зададовме на средношколците, особено на матурантите, на поинаков начин да се соочат со тоа што го учат и директна работа со клиенти и професионални креатори. Професорите им зададоа тема ‘Коктел фустан’, секој од нив посебно работи со наши познати креатори од Битола и имаат еден поинаков начин на пракса. Се соочуваат со начинот на работа на креаторите и со тие што ќе ги носат моделите, секој од нив има посебни барања. Се што учеа сега можат да го прилагодат во реалноста“, вели Весна Божиловиќ, проект менаџер од Продукција „Божиловиќ“.    

На настанот ќе присуствуваат  и  претставници на текстилниот кластер и Регионалната стопанска комора од Пелагонија, но и  идни  средношколци  кои се пред одлука каде да го продолжат своето образование.

Модната ревија деновиве ја „вжешти“ атмосферата во кабинетот на текстилната насока во средното училиште, зашто, како што велат организаторите, ова не е обична ревија, туку промоција на модата и градот Битола. 

„Имаме многу обврски, многу непроспиени ноќи, се надевам дека овој настан ќе биде на ниво, затоа што не ја промовираме само текстилната насока, туку и градот Битола, кој отсекогаш бил град на модата. Сега во тек е координацијата меѓу тимовите, се надевам дека до 4 јуни сѐ ќе биде во ред“, вели Анита Стефановска, професор по текстилни стручни предмети во СОУ „Таки Даскало“.

Текстилната струка во средното училиште „Таки Даскало“ пред само три години имаше четири ученици, а во тековната 2021/22 се запишаа 20 средношколци.

„Последните неколку години интензивно работиме на тоа да го смениме мислењето за струката,  затоа што струката не е само шиење на машина. Учениците се стекнуваат со вештини од дизајнирање на сопствени модели и колекции, нивната техничка и конструкциска подготовка и нивна изработка“, вели Живка Танушева-Ицановска, професор по текстилни стручни предмети.

Матурантите велат дека со средното образование преку практична настава стекнуваат знаење и вештини за веднаш да се вклучат во реалниот сектор, но имаат и одлична основа да продолжат на факултет за дизајн.

„Во четири години школување на текстилната струка во ‘Таки Даскало’ научив многу активности: конструкција, цртање, дизајнирање, моделирање и шиење и мојата желба е да се запишам на факултет, да продолжам на истата струка. Средното текстилно ми беше добра основа, ме мотивираше за понатаму. Сега со оваа модна ревија имам можност да видам како работат во модниот свет, што да очекувам, да се запознам со работата, со скици и дизајни. Лично работам на коктел краток фустан, направив неколку скици, избрав материјал во црно-зелена боја“, вели Ивана Велковска, ученичка од четврта година.

Во шивалната на средното училиште „Таки Даскало“

И нејзината соученичка Тодора Велковска ќе го следи патот на модата и по завршувањето на средното училиште.

„Во средното училиште се научив подобро за цртам, да везам, да шијам, моделирање и конструкција. Им порачувам на полуматурантите да го изберат текстилниот смер, бидејќи тука имаме шанси да ја изразиме нашата креативност, да се занимаваме со модата“, вели Тодора која неодамна на натпревар во Франција освои трето место во цртање на модели, во конкуренција од 23 земји. 

Во средното училиште „Таки Даскало“ во Битола  има 700 ученици од целиот регион, кои учат во гимназиски паралелки и повеќе стручни насоки, а текстилната веќе се вбројува меѓу најпопуларните.