Модата ја доживувам како краток момент на ексцентричен парфем по улица: Христијан Нашуловски, дизајнер

Иако модата на повеќето им делува како несериозна и навидум само естетска гардероба, не се согласувам со тој став, сметам дека модата е најдобар спој на уметност, движење, техника, креативност и storytelling


Неговата ревија „Урнатини“ на Моден викенд Скопје беше како виножито по дожд, како интересен муабет по безброј „здодевни“ муабети или дежа ву колекции. Ја остави публиката со подзината уста, и сите во Ист гејт мол, се прашувавме: кој е  овој дизајнерски талент на кој му предвидуваме блескава иднина? 

Колекцијата Naash.x, под креативната визија на Христијан Нашуловски, поддржано од Анита Гајтановска и LotusLounge Chair, навлегуваше во комплексноста на постоењето, на битието и на трансформирањето. Преку облеката што делуваше како втора кожа, младиот дизајнер не покани облеката што ја носиме да ја сметаме за складиште на нашите приказни, нашите борби и нашите триумфи.

Во интервју за „Независен“, Нашуловски открива зошто воопшто не ги сака дефинициите за гламур, шик или елеганција, и зошто повеќе го возбудуваат обидите за нешто сопствено и интуитивно кај другите, без никакви рестрикции. 

Како се роди љубовта за модата?

Мојата љубов кон дизајнот и модата повеќе ја гледам како опсесија, никогаш не ми е доволно од неа. Откако се сеќавам, облекувам парчиња облека по малку нејасни за другите, склопував еклектични стајлинзи и многу сакам да си играм со детали и апликации. Уште како мал интервенерирам на облека со текстилни, акрилни бои и варикина, цртам врз неа и правам промени со сечење. Со нетрпение го чекав карневалот Прочка во Прилеп, за да изработувам екстравагантни костими во карактери од цртани, филмови и луѓе низ историјата. Така што љубовта за надреалното во отсекогаш ми влијаела на изразувањето преку облеката и модата.

Зошто ја избравте Словенија за модно надградување?

Словенија денес дава исклучителна можност за школување во државните факултети, тоа го разбрав од студенти кои споделија добри искуства со мене. Изгледаше како прмамлива шанса.

Како дојде до учеството на Моден викенд – Скопје на Света Богова-Јовановска, кој во Македонија останува клучна платформа за прикажување на синергија помеѓу модата, културата, традицијата и одржливоста, поддржана од визионери и институции?

– Моето поврзување со “Fashion Weekend Skopje’ и Света Богова се случи преку мојата пријателка Анита Гајтановска “Lotus Lounge Chair”, соработник на Света, дизајнер на FWSK од 2010 до 2016 и ко-основач на МФА “Macedonian Fashion Association” заедно со Света.

Со Ани кликнавме на прва пред неколку години, од почеток не поврза заедничкиот пристап кон стилот, долгите разговори и дебатите околу модата и дизајнот. Во една прилика таа ми откри дека би сакала да застане зад мене и да го подржи моето прво модно шоу. Иако тој разговор со Ани беше баш неформален и нималку конкретен, после извесно време таа ми се јави и ми честита, ме извести да се спремам за мојата ревија која беше прикажана во рамките на FWSK во Март оваа година.

Дали ова беше прва ваша ревија во Македонија ?

– Да, тоа беше моето деби. Претходно сум работел самостојни колекции кои ги претставував само на социјалните медиуми. Една од нив е колекција на плетени парчиња облека, а втора, колекција на ташни од неконвенционални материјали. Мојата прва комплетна и виртуелна колекција беше именувана “SHAPED” за која фото едиторијалот го изработи  Андреј Богатиновски, за неа добив неверојатно позитивни реакции на социјалните медиуми.

Сум работел и во прилепскиот театар, кадешто работев костимографија и плакт за претставата “Пипи Долгиот Чорап” во режија на Кристина Димитрова и драматизација на Ивана Нелковска. Изминатата година учестував за првпат во групната изложба насловена  “Под нулата” во ликовната галеријата при  Домот на културата Марко Цепенков во Прилеп чиј куратор беше Викторија Димеска кадешто ја имав изложено мојата прва инсталација именувана “AFTER ALL”.

Како ѝ приоѓате на модата? Како парче облека или животна филозофија?

– Иако модата е поврзана со облеката, јас воопшто не ја третирам така. Секогаш се трудам да пристапувам критички кон неа, да анализирам што гледам пред себе, да извадам некаков заклучок и потоа да реинтерпетирам. Иако модата на повеќето им делува како несериозна и навидум само естетска гардероба, не се согласувам со тој став, сметам дека модата е најдобар спој на уметност, движење, техника, креативност и storytelling. За мене модата е се убаво, се промислено и подруго. Воопшто не ги сакам тие дефиниции за гламур, шик или елеганција, повеќе ме возбудуваат обидите за нешто сопствено и интуитивно кај другите, без никакви рестрикции. Ако треба да зборувам за тоа како јас ја доживувам модата, можам само да кажам дека ја перципирам и пронаоѓам на многу кратки и мали моменти, по кои некако постојано трагам. Краток момент на ексцентричен парфем по улица, добро решен случајно минувачки стајлинг или предотерана пензионерка во маркет – тие моменти можам да ги издвојам како практични примери кои ме потсеќаат дека модата е присутна за мене. Присутна е и во убавите работи кои не се поврзани со облека. Често се инспирирам и од убави чаши, вкусови, кукли, колачи, бруталистички објекти и сѐ што сметам дека е доволно посебно да го забележам.

Со ревијата „Урнатини“ предизвикавте внимание од јавноста, со необични дизајнерски решенија, како целта да беше човечкото тело, а не самата облека. Преку облеката што делуваше како втора кожа, каква порака сакавте да испратите?

Процесот на претставување на идејата не започна со колажирање и скицирање, напротив тоа беше едно внатрешно преиспитување на моите процеси и редифинирање на одредени постоечки концепти (тело, разум, емоции…). “RUINS” е резултат на многу разговори и дискусии, неорганизиран колаж на текстови, поезија, говори и писанија.

Идејата беше развојот и фазите на телото, како телесноста се изменува и променува-до степен на непостоење или нетело. Набљудување на деформитетите, процесите и состојбите на исцрпеноста на телесниот труд и експлоатацијата на телото како медиум и објект.

Како гледате на модната индустрија денес?

– За жал, не можам да дадам оптимистичко мислење на ова прашање. Сметам дека индустријата е позиционирана во неизминлива капиталистичка положба, за жал. Потребата да се задоволат себичните потреби на променливите модни трендови доведува до отпадни купишта облека која, нормално, не може да се рециклира поради вештачките материјали и предизвикува самата индустрија да загрозува цели региони на нископлатена работна сила.

Дали ја следите модата во Македонија?

– Да, сметам дека модата во Македонија постепено се развива и оживува и тоа многу ме радува. Отсекогаш сум бил воодушевен колку талентирани млади луѓе има таму кои, ако барем имале подобри услови за изучување на модата и нејзините пракси, сериозно би се оформиле и издигнале.

Како изгледа модната сцена во Словенија?

– Младешката сцена во Љубљана која ја запознав изгледа многу настрана, шарена, клупска и постродова, затоа можеби толку многу ја засакав. Приметувам дека има многу нови млади таленти кои се во подем и прецизно целат кон својата визија. Морам за признаам дека е преубаво чувството кога сум опкружен со толку многу позитивност, креативност и поддршка.. Ме радува тоа што е во мојата колекција “RUINS” беа вклучени мои пријатели и колеги од факултет кои ми помагаа низ процесите на истата, така што тие моменти на заедништво и солидарност кои ми беа нови, се дефинитивно моите омилени.

Дали во модата ја гледате вашата иднина?

– Би рекол дека својата иднината ја гледам во експерименталното аплицирање на модните пракси како алатка за изразување. Сметам дека не би се ограничувал да единствено модата биде моја иднина, но секако, дизајнот во било која форма.

Кој е ваш идол меѓу модните дизајнери?

– Би бил неискрен ако не кажам дека тоа е Александар Меквин. Неговиот пристап кон кроењето и неговото изострено сетило за него, искреноста и дивостта што ја гледам во неговите дизајни, беше причината зошто се задлабочив во анализа на неговата генијалност. Се разбира, тука е и Кавакубо и нејзината мистичност, која ја обожавам, Мартин Маржела, Антверп6, Филип Трејси…