МО потврди: Македонија испраќа тенкови како донација за Украина


Министерството за одбрана потврди дека снимките кои денеска се појавија на социјалните мрежи, на кои се гледа транспорт на тенкови, се автентични и дека се работи за тенкови кои Македонија ги испраќа како донација за Украина.

Од МО за „360 степени“ посочуваат дека се работи за тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Од МО велат дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”.

„Би сакале да посочиме дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на Република Северна Македонија во наредниот период ќе се изврши трансформација односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата, а реализацијата на овие планови веќе е во тек. Исто така, согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 г. наведено е дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети. Имајќи ја во предвид ваквата фактичка состојба, како и побарувањата од страна на Министерството за одбрана на Украина, Владата донесе одлука да ѝ донира на Украина одредена количина од овие капацитети кои им се неопходни за нивни потреби“, велат од министерството.

Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.

Од министерството велат и дека согласно владините одлуки, во неколку наврати е донирана воена опрема на Украина и дека тоа било во координација со сојузниците, при што повторуваат дека Северна Македонија како членка на НАТО го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, како и дека остро ја осудува руската агресија.