МНТ го одложи спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Made in MNT“ за наесен

Македонскиот народен театар соопшти дека поради трагичниот настан во Кочани, закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, што требаше да се одржи во четврток на 3 април, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа установа, се одложува за наесен.
Како што е најавено, во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10:00 и во 12:00 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“, а од 18:00 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21:30 часот.
– Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што, во чест на одбележувањето – 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена како „Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive.“, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција, со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој, соопштија од МНТ.
Во рамки на 80 години МНТ, на 5 април на малата сцена, публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика.
Мултисензорно искуство каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот, ќе раскажат сосема нова приказна, по вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни, и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.
– Ви благодариме за разбирањето и поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат, велат од МНТ.