МНТ доби 9, 2 милиони денари за годишната програма

Министерството за култура и туризам деновиве ги достави решенијата со кои се утврдува висината на финансиските средства за работа на осумнаесетте национални установи, меѓу кои и македонскиот народен театар.
Од Министерството за култура, МНТ за годишната програма доби 9.223.530 денари, од кои за:
– Драмска дејност : 6.300.000 денари
– Меѓународна соработка : 1.100.000 денари
– Одржување на објектите и опремата: 1.139.000 денари
– Издавачка дејност: 350.000 денари
– Европски интеграции: 340.530 денари
Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на МНТ.
Денес, на прес -конференцијата, по повод јубилејот 80 години на МНТ, директорот Никола Кимовски информираше дека се задоволни од поддршката на Министерството, но дека ќе се обидат буџетот да го дополнат со помош на спонзорства и донации.

Покрај програмскиот дел, во јубилејната година ќе се работи и на поправки на објектот и на техниката и ќе се почне од најкритичните – санирање на прокапувањето од еден балкон во фојаето и етапно инвестирање во „влошеното осветлување“ на објектот, внатре и надвор. Пред се, осветлување на страната кон Вардар која ноќе е мрачна и која, рече Кимовски, дава чувство како да не се наоѓаме во центарот на Скопје.
Директорот соопшти дека за санација на само еден балкон во МНТ се потребни 12 милиони денари и со оглед дека за одржување и опрема на МНТ му се доделени 1.139.000 денари за оваа година,за поправки и санации театарот ќе соработува со партнери и спонзори.
Еве ја целата програма по повод јубилејот 80 години на МНТ:
Македонскиот народен театар, најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, a од почетокот на 2025 година и достојно го одбележува јубилејот – 80 години.
Во чест на јубилејот, нашиот долгогодишен соработник, Зоран Кардула, направи голема чест за најголемата театарска куќа во нашата земја и со неговиот препознатлив дизајнерски печат, го создаде логото „80 години Македонски народен театар“.
Во чест од кревањето на црвената завеса и од првата изговорена реплика поминаа 80 години, на 3 април 2025 година, ќе се одржи голем спектакл со МУЛТИМЕДИЈАЛНАТА ПРЕТСТАВА „СОНЦЕТО, КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО“ MADE IN МNT по повод чествувањето „80 години Македонски народен театар“, во режија на Дејан Пројковски.
Прославата „80 години Македонски народен театар“ продолжува со премиерната изведба на претставата „Варвари“ дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, еден од најеминентните режисери во нашата земја и надвор од границите. Свечено ќе се одигра на 23 април, со моќна, масовна и бравурозна екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин, режисерот на претставата. Значајно е што ова дело за првпат се поставува во Македонија.
ПРОГРАМА
Покрај тековната репертоарска програма и повторно враќање на сцената на неколку претстави (кои не се играа подолг временски период, а тоа се претствавите „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“), репертоарот на МНТ ќе се збогати со новите претстави поддржани од Министерството за култура и туризам на Р Северна Македонија. Станува збор за претставата „Варвари“ дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска Трпеноска и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. „Земјата на заборавените сказни“ е уникатна театарска авантура која го слави духот на природата и моќта на имагинацијата. Во свет на технолошка зависност, три деца ненадејно влегуваат во волшебен универзумот на словенската митологија, патување што ќе ве насмее, изненади и трогне. Автори на овој проект се Симон Трпчевски кој после 30 години повторно соработуваат на сцената на МНТ и реномираната писателка Билјана Црвенковска. Претставите ќе бидат поставени на големата сцена, а режисерите кои ќе работат на овие значајни проекти како Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ и Срѓан Јаниќијевиќ се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и Монографијата „80 години Македонски народен театар“.
ПАТУВАЊА И ГОСТУВАЊА НА МНТ
Акцентот во 2025 година посебно е ставен на меѓународната соработка, односно гостувања на МНТ надвор од границите, како и гостувања на други театри на сцената во МНТ.
Турнејата на МНТ ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се претставите „12“ во режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин.
Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и Босна и Херцеговина. На 8 април во Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа на 9 април и претставата „12“.
По настапот во Црна Гора, на 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина.
На 15 април со претставата „12“ МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.
На 17 јули Македонскиот народен театар со претставата „12“ ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Македонскиот народен театар ќе учествува и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во вториот блок, во текот на септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија.
Гостувањето во театарот „Иван Вазов“, Р Бугарија ќе се случи на есен, 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.
ГОСТУВАЊА ВО МНТ
По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн.
Кон средината во месец мај ќе гостува Народно позориште Сараево од Босна и Херцеговина, односно на 21 мај ќе се одигра претставата „Сараевскиот трговец“, од Игор Штикс, а во режија на Михал Дочекал, а на 22 мај и претставата „Селска опера“ од Д. Бенедек-П. Бела, а во режија на Андраш Урбан.
Предвидено е и гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ), Љубљана, Р Словенија со претставата „Докторот“, по текст на Роберт Ајк, во режија на Мартин Кушеј. Претставата треба да се одигра на големата сцена на МНТ, во 2025 година. Точниот датум ќе биде договорен меѓу двата театри.