МНР станува зелено и ќе има климатски амбасадор
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на денешната прес-конфeренција во Градскиот парк ја промовираше иницијативата „Зелена дипломатија – новото нормално“ и најави дека ќе биде назначен климатски амбасадор.
„Не случајно се наоѓаме во Градскиот парк, во една убава, пријатна и зелена атмосфера за да го ланисраме нашиот, во амбиент којшто асоцира на нашиот проект што ќе го лансираме денеска, а тоа е дека Министерството за надворешни работи станува зелено. Во својот извештај Обединетите нации ги вбројуваат пожарите и поплавите како најважните последици на климатските промени“, истакна Османи.
Тој рече дека ќе биде назначен климатски амбасадор чии надлeжности ќе бидат промовирање на домашните и меѓународните политики за зачувување на животната средина.
Зелената надворешна политика, како што наведуваат од МНР, ќе треба да се прилагоди на предизвиците на носителите на одлуки во борбата против климатските промени и нивните влијанија.
Министерот, во овој контекст информираше дека веќе е во постапка формирање на посебно Одделение во МНР за зелена дипломатија кое ќе ги следи и анализира меѓународните политики во областа на климатските промени и заштитата на животната средина и ќе продуцира насоки кои ќе се преточуваат во конкретни домашни политики.