МНР се „пере“ од дипломатската кариера на внукот на Ахмети

МНР веќе втор ден праќа исто соопштение со кое сака да се исклучи од одговорноста за именувањето на „брза лента“ на внукот на Али Ахмети, Бесиан Ахмети, за економски промотор и прв секретар во амбасадата на Македонија во Брисел.
Таа амбасада и втората за ЕУ се полни со кадри промовирани од ДУИ, а професионални дипломати кои долги години работеа на ЕУ се на други дестинации. Бесиан Ахмети, според изјавите на неговиот брат Дрин Ахмети прво се пробал во бизнисот со ископ на варовник, но не се гледал себеси во таа професија, па бил примен во Министерството за економија како експерт за минерали, за по десет месеци експресно да заврши како економски промотор во Брисел. На кој јавен оглас е примен Бесиан Ахмети и по која процедура, е прашање на кое досега не излезе да објасни Министерството за економија, ниту пак излезе МНР, освен со тврдењата дека се било според закон.
Според МНР, прес соопштенијата на ВМРО-ДПМНР за дипломатската кариера на внукот на Ахмети и споменувањето на МНР во тоа се дел од работата на фабриката за лажни вести на оваа партија.
-Дозволете повторно да реагираме на невистините пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои не само што имаат тенденциозна намера да ѝ нанесат штета на дипломатијата, туку покажуваат и елементарно непознавање на законските надлежности како и уредбите дефинирани во правилниците за работа на дипломатијата.
Информираме дека согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во Министерството за надворешни работи, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие и други, при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар.
Имено, согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во кое лицето е вработено, Министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член.
Економската димензија на дипломатијата е тесно поврзана со работата на економските ресори во Владата – прашањата поврзани со условите за водење бизнис, бенефициите за странските инвеститори, развојните планови на Владата, потенцијалните региони за бизнис во различните сектори итн. – и оттука логично е Министерството за надворешни работи да се потпира на кандидатите кои низ конкурс ги предложиле економските ресори во Владата, стои во реакцијата на МНР.
Инаку, во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ денес порача дека Бесиан Ахмети е испратен на позицијата во Брисел без соодветно образование и искуство.
-Кога јавноста мислеше дека дното е постигнато, со тоа што внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети го купил бизнис центарот Соравиа, на 24 год, за 30 милиони евра, затоа е тука вториот внук, кој со само 10 месеци стаж станува прв секретар во амбасадата во Брисел, поставен токму од министерот Османи. Внукот, Бесиам Ахмети е преземен по пат на интерен оглас од Министерството за економија на кој се пријавил и работното место од економија го заменил со тоа во МНР. Иако упатувањето во ДКП на Македонија во странство се врши врз основа на спогодба меѓу МНР и соодветната институција, сепак дипломатското звање го дава МНР, согласно член 78 во врска со чл 95 од Законот за надворешни работи. Во случајов на помлад соработник одговара дипломатското звање “Аташе”, додека на советник и раководител на одделение одговара дипломатското звање “Прв секретар”.
Значи без соодветно образование и искуство, внукот Бесиан е унапреден три скалила погоре. Дали можеби бидејќи имал посебна дарба за дипломат, како и внукот Дрин Ахмети за претриемач, па е поставен на местото прв секретар во амбасадата во Брисел? Дали Ковачевски не знае ни за вториот внук кој е вработен во државна институција? На граѓаните веќе им е јасно, дека единствен начин да се запрат овие луѓе, кои си прават династија на грбот на народот, се изборите кои следуваат. Тогаш тие ќе го кажат својот финален збор, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според „закон и процедура“ беше и вработувањето на тв презентерката Бесмира Ејупи во МНР и неуспешниот обид да се прати во како конзулка во Чикаго.