МНР му даде “корпа“ на Милков


Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, кое како обврска е поврзано со пристапните преговори за членство во Европската унија.

-Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и, во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков.

Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска влада, стои во реакцијата на МНР. 

Милков денес изјавил дека „веќе има некои опции за идни текстови кои се дискутираат таму кои биле прифатени при промена на Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено. Би сакале да се консултираме за овие прашања“.

Тој уште додал: „Се надевам дека ќе одговорат. Претстојат контакти што ги имаме да ја намалиме тензијата, се разбира, без да им се наштети на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог мора да продолжи сѐ додека постои волја од нивна страна. Повторно подаваме рака, во таа смисла. Подготвени сме да разговараме за промените што ги прават“.