МНР ќе ја реорганизира економската дипломатија, ќе се промовираме во странство


Владата на својата денешна 18 седница, на предлог на Министерството за надворешни работи, ја разгледа и усвои Информацијата за предлог-реорганизација на економската дипломатија, во насока на промоција на националните економски интереси во странство, при што го задолжи МНР да спроведе реорганизација на економската дипломатија.

– Се задолжува Министерството за надворешни работи во рок од пет работни дена од усвојувањето на Информацијата, да формира меѓуресорска работна група со претставници од: Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија за економски прашања, Министерството за надворешни работи, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција и поддршка на туризмот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, за подготовка на Акциски план за економска промоција на Република Северна Македонија во странство, се наведува во соопштението од владината седница.

Владата воедно го задолжи Министерството за надворешни работи врз основа на Акцискиот план да ги планира потребните финансиски средства за 2021 година и наредните години за имплементација на проектот за реорганизација на економската дипломатија.