МНР ги повика Македонците да се вратат од Нигер – еден чека евакуација


Фото: Б. Грданоски

 

Поради влошената безбедносна ситуација во Нигер и можноста од ескалација на истата, Министерството за надворешни работи упатува апел до државјаните на Северна Македонија да избегнуваат патување во Нигер, додека на оние кои се наоѓаат во територијата на Нигер а имаат можност да ја напуштат земјата, да го направат тоа веднаш.

Министерството преку амбасадата во Каиро работи на обезбедување евакуација за еден наш државјанин, кој има побарано помош. За тоа се водат интензивни преговори со нашите партнери и сојузници, кои имаат свои претставништва во Нигер.

МНР ги замолува нашите државјани кои се наоѓаат во Нигер, а кои сѐ уште не оставиле свои податоци, да ја контактираат нашата амбасадата во Каиро, со цел доставување на своите податоци, на следниот телефонски број + 202 27 508 501; +201017810085; +201033615542 и е-мејл адреса [email protected].

Дополнително, нашите државјани може да се обратат и до Министерството на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: [email protected].

Европските земји ги евакуираат странците од Нигер

Странците со часови чекаат во редици на аеродромот во близина на главниот град на Нигер за  француската армија да ги евакуира со авион од оваа  западноафриканска земја, во која минатата недела беше извршен државен удар и воена хунта ја презеде власта.

Против новата воена управа на Нигер, дури 15 земји членки на регионалниот економски блок ECOWAS, воведоа санкции и се заканија со употреба на сила доколку соборениот претседател Мохамед Базум не биде вратен на власт за една недела.

Франција, Шпанија и Италија најавија евакуација на своите граѓани и други Европејци од Ниамеј, главниот град на Нигер.

Франција соопшти дека со три авиони евакуирала 736 лица, вклучително и 498 свои државјани. Во авионите се превезувале државјани на Нигер и уште 10 земји, а се подготвува и четврт лет. Според француската амбасада во Ниамеј, уште 1.200 француски државјани побарале евакуација.

Во Рим вчера слета италијански воен авион од Нигер со 99 патници од различни земји, меѓу кои 21 Американец, а шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, изјави дека дозвола за летот дала новата влада на Нигер.

Германија најави дека засега не гледа потреба од евакуација на своите стотици војници кои се наоѓаат во Нигер, а во најголем дел се поврзани со мисијата на Обединетите нации во Мали.

ЕКОВАС се закани со сила дека ќе го врати демократски избраниот претседател Базум на власт, но двете соседни земји – Буркина Фасо и Мали – кои исто така се управувани од војската по државните удари, застанаа на страната на новата воена влада на Нигер и најавија дека секоја интервенција против оваа земја ќе ја сметаат за објава на војна.

Во Нигерија, членка на ЕКОВАС, вчера почна дводневен собир на министрите за одбрана на земјите членки на овој 15-член економски блок, со цел да се разгледаат следните чекори.

ЕКОВАС во неделата воведе енергетски санкции за Нигер, земја која увезува 90 отсто од својата електрична енергија од Нигерија. Според неименувани функционери, преносот на струја бил прекинат вчера.

Нигер е една од најсиромашните земји во светот, а Западот ја гледа оваа земја како последниот сигурен сојузник во регионот Сахел во борбата против исламските екстремисти од Ал Каеда и Исламската држава. 

САД се подготвени да евакуираат дел од своите дипломати од Нигер

САД се подготвени да евакуираат дел од персоналот на амбасадата во Нигер и нивните семејства откако војската ја презеде власта во таа африканска земја, изјави денеска американски претставник.

Сепак, дипломатската мисија ќе остане отворена, а високиот дипломатски персонал ќе продолжи да ги извршува своите должности.

Официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен, рече дека одлуката се уште не е донесена, но многу е веројатно дека ќе се случи.

Тој додаде дека американскиот дипломатски персонал ќе биде евакуиран со авион изнајмен од Стејт департментот, а не со авион на американското воено воздухопловство.