МНР ги нарече лаги без основа обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за парите од Њујорк

МНР реагира на, како што велат, паушалните и без основа обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ, последни од серијата манипулации создадени во фабриката за лаги на ВМРО-ДПМНЕ чија работа сѐ повеќе се засилува.
-Средствата од заедничката продажба на објектот на мисијата на поранешна СФРЈ при ОН се делумно префрлени на сметката на постојаната мисија во Њујорк, а соодветно на локалните правила и продажните услови, наскоро се очекува да биде префрлен и преостанатиот износ со што ќе се заокружи целата купопродажна трансакција согласно договорот. Согласно правилата дефинирани од адвокатската канцеларија, сѐ додека не биде префрлен целиот износ не може да се врши парцијален трансфер на средства во буџетот на земјава, имајќи предвид дека токму остатокот кој треба да биде уплатен воедно претставува и гаранција за уплата на данокот од страна на купувачот на имотот на поранешната СФРЈ. Ова правило не претставува исклучок за нас, туку истото го почитуваат и другите држави наследнички на кои исто така им следи соодветен дел од средства од продажбата на имотот.
Во врска со начинот на кој ќе се употребат овие средства, откако ќе бидат вратени во буџетот, постои заклучок на Влада со кој е предвидено од овие средства да бидат купени простории за постојаната мисија во Обединетите нации во Њујорк како и објект за амбасада во Софија. соопштија во реакцијата МНР.
Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ денес тврдеше дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски и покрај неколку инструкции од Министерството за наворешни работи, не ги префрла парите од продажбата на апартманот на Тито на Парк авенија во Њујорк, и ги држи на сметката од мисијата.
– Уште еден скандал на повидок со амин на СДС и одобрување од страна на Бујар Османи! Тивко се кријат 4 милиони долари пари што ѝ припаѓаат на Македонија и на Македонците! Апартманот на Тито на Парк авенија во Њујорк беше продаден пред повеќе од една година. Во процесот на сукцесија односно поделба на имотот на сите републики од бившата држава, на Република Македонија ѝ припаднаа 4 милиони американски долари од оваа продажба. 3,4 милиони долари веќе се префрлени на сметката на постојаната мисија на Македонија при ОН уште минатата есен, додека останатите 600.000 се очекуваат секој момент да се вратат на Македонија. Според информациите, амбасадорот Љубомир Фрчкоски и покрај неколку инструкции од МНР, една во декември, а другата во јуни годинава, парите да ги префрли во буџетот на државата, тоа одбива да го направи и ги држи на сметката од мисијата – рече Стоилковски.