Муцунски се жали: Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика


Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагира на, како што се наведува во соопштението, „јавните напади на претседателот на СДСМ, Венко Филипче изнесени на денешната прес конференција, во текот на која изнесе низа навреди и произведе неодговорни и произволни заклучоци со кои во основа покажа недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги запостави суштинските елементи кои го сочинуваат комплексниот процес при носење на одлуки од стратешко и глобално политичко значење“.

Очигледно, се посочува во соопштението, за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија.

– Во наведениот контекст уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери, се појаснува во соопштението од МНРиНТ.

Со нашето гласање, се додава, ја реафирмиравме цврстата поддршка за Украина и изразивме силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.

Дополнително, соопштија од Министерството, овие одлуки се потврда за конзистентната меѓународна политика на државата, и нашиот стремеж да бидеме активен, конструктивен и кредибилен партнер во процесите на изнаоѓање решенија за актуелните геополитички предизвици, а не пасивен набљудувач без јасен став, како што беше случај за време на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.

– Токму честите посети на највисоко и високо политичко ниво во САД се потврда за нашата цврста заложба за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. Таквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и силната приврзаност кон процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на државата, стои во реакцијата од МНР.