Дел од поранешните функционери на СДСМ ја поткопуваат партијата одвнатре, вели Филипче

Некои се надеваат СДСМ да оствари лош резултат на локалните избори за да профитираат, вели Венко Филипче во интервју за „Независен“


 

Претседателот на СДСМ вели дека најголем дел од неговата енергија и време посветил на разговори со сите поранешни функционери. Мнозинството од нив ја прифатиле иницијативата за соработка, но некои одлучиле да стојат настрана, па дури и да се надеваат на лош резултат на СДСМ на локалните избори, вели Венко Филипче во интервју за „Независен“ кое целосно ќе го објавиме утре.

„Во изминатиот период најголем дел од мојата енергија и време ги посветив на лични разговори со сите поранешни партиски функционери, членови и луѓе кои некогаш беа важен дел од СДСМ. Јас верувам дека партијата е најсилна кога сите сме обединети и работиме заедно за заедничка цел. Токму затоа немам задршка да разговарам со сите и да најдам начин за соработка – не заради мене, туку заради доброто на СДСМ и граѓаните кои ја поддржуваат нашата визија.

На сите им е подадена рака и отворена е вратата за дијалог и соработка. Драго ми е што мнозинството од поранешните функционери ја прифатија оваа иницијатива и сега работиме заедно на зајакнување на партијата. Имам исклучително добра соработка со многумина.

За жал, има мал број поранешни функционери кои одлучиле да стојат настрана. Некои од нив се надеваат дека СДСМ ќе оствари лош резултат на локалните избори, па тие ќе можат политички да профитираат или да бараат одговорност од актуелното раководство. Овој пристап е нечесен, нефер и пред сè штетен – не за мене или раководството, туку за партијата и сите граѓани кои ја поддржуваат СДСМ“, вели Филипче во интервјуто за „Независен“.

Тој вели дека оние кои решиле да не помогнат во најтешките моменти и да стојат настрана заради свои лични калкулации, прават голема грешка. „Одговорноста за евентуалните последици нема да падне на оние кои работат и се борат за успехот на СДСМ, туку токму на оние кои одлучиле да ја поткопуваат партијата од внатре“, нагласува Филипче.

Тој вели дека само преку единство во партијата СДСМ може да се врати на врвот. „Сите кои искрено сакаат да придонесат се добредојдени, а времето ќе покаже кој бил посветен на интересите на партијата, а кој на своите лични амбиции“.