ММФ ни прогнозира пад на БДП од 4 отсто
Обезбедени се 176 милиони евра од ММФ, со многу ниска каматна стапка од 1,05 проценти и пет години рок на отплата
Финансиската поддршка од 176 милиони евра што ја одобри денеска за нашата држава Меѓународниот монетарен фонд ММФ е со каматна стапка од 1,05 проценти, рок на отплата од пет години и грејс период од три години и три месеци. Одобрените средства треба да помогнат за ублажување на негативните ефекти од здравствената криза со коронавирусот за нашата економија и дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.
По дискусијата на Извршниот одбор во однос на Македонија, Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на одборот, изјави дека економските изгледи на нашата земја значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19 и оти се очекува реалниот БДП годинава да се намали за четири проценти, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. „Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс“, изјави Џанг.
Тој оцени дека нашите власти брзо одговориле со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства. Во меѓувреме, наведе тој, Народната банка ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници кои се погодени од пандемијата.
„Владата и Народната банка остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни. Властите, исто така, изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од Ковид-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата“, соопшти Канцеларијата на Стефани Ебле, регионален резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан.
Според министерката за финансии Нина Ангеловска, поддршката е двојно поголема од сумата што ја очекувавме првично и доаѓа во вистинско време, пред врвот на здравствената криза, која се очекува некаде на крајот на месецов.
„Навистина добра вест бидејќи ова се поволни средства, со ниска каматна стапка од 1,05 проценти и рок на отплата од пет години. Оваа финасиска поддршка од ММФ е преку Инструментот за брзо финансирање кој обезбедува брза и лесно пригодлива финансиска помош за земјите членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање“, истакна Ангеловска во видео изјава.
Со инструментот може да се обезбеди поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки, природни непогоди, конфликтни и постконфликтни ситуации и други вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата.
„Оваа помош од ММФ ќе помогне во финанисирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19. Мора да се истакне дека од исклучителна важност е оваа ликвидносна инјекција која доаѓа на почетокот на април односно во вистинско време пред пикот на здравствената криза која се очекува некаде на крајот на месецов“, изјави Ангеловска.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, пак, оценува дека финансиската поддршка за нас е од исклучително значење како за спроведување на фискалните мерки, така и за спроведување на натамошниот раст на девизниот потенцијал на нашата економија, односно за зголемување на нивото на девизни резерви.
„На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување на олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани. Овој инструмент има и катализаторска улога односно тој е значајна алатка која што овозможува поголем пристап до други надворешни извори на финанисирање вклучително и до европските. Имено, одобрувањето на овој ангажман е и потврда на здравоста на политиките спроведувани од страна на централната банка коишто резултираа со ценовна и финансиска стабилност што пак има важна сигнална улога за идна финансиска поддршка“, рече во видео изјава гувернерката.
Министерката за финансиии најави дека во текот на мај се очекува да се добијат и други средства за кои преговараме, и тоа од Светска банка и од Европската унија. Истовремено, вели Ангеловска, се следи пазарот на капитал кој се очекува наскоро да почне да се стабилизира и затоа ќе започнеме и со постапката за издавање на еврообврзница. Во текот на подготовките ќе ја следиме состојбата со цел да го одбереме најсоодветниот тајминг за излегување на пазарот на капитал. Ќе ги обезбедиме средствата кои се ноепходни за земјава за да поминеме со што помали последици од корона кризата.
„Мора да внесеме пари во економијата, да ја поттикнеме економската активност и пред сѐ, да ги зачуваме и да ги заштитиме работните места. Преземаме мерки кои се во вид на даночни ослободувања во вид на директна финансиска поддршка и ќе продолжиме да преземаме и нови мерки во следниот период и во периодот на обновување со цел што побрзо оправување на економијата“, порача министерката за финансии. (Н.В.)