ММФ бара поскоро да се донесат даночните реформи, поддржува данок на солидарност
Претседателот и членовите на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието остварија работна средба со претставниците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд: Жак Миниан, шеф на Делегацијата; Томас Гаде, член на Мисијата и Фатон Сулејмани од канцеларијата на ММФ во Скопје, соопштија од Собранието.
Во соопштението до медиумите се вели дека на средбата се разговарало за даночните реформи, донесувањето на Законот за данок на солидарност, инфлацијата, состојбите во енергетскиот сектор и платите во јавниот сектор.
Според шефот на делегацијата на Мисијата на ММФ, Жак Миниан, што поскоро треба да започне процесот на даночни реформи, да бидат донесени законските решенија за да се подобри даночниот систем во државата и да се реализираат квалитетни реформи. ММФ ги поддржува даночните реформи и воведувањето на данокот за солидарност, како еднократна даночна обврска за компаниите кои оствариле екстра профит. Исто така, Миниан посочи дека треба внимателно да се пристапи кон зголемување на платите во јавниот сектор имајќи ги предвид можностите на буџетот, како и тоа дека нивното зголемување може да влијае на растот на инфлацијата. Реформите кои треба да се спроведат во даночниот и енергетскиот систем не се лесни и доколку е потребно ММФ ќе помогне во нивно спроведување.
Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојаноски, посочи дека Меѓународниот монетарен фонд е важен партнер на земјава во справувањето со економската криза и спроведувањето на квалитетни економски и фискални политики и реформи, кои ќе овозможат економски раст, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и условите за развој на стопанството. Државата се соочува со предизвици во енергетскиот сектор, проблеми со зголемената инфлација и раст на задолжувањето. Законите со кои треба да започнат реформите во даночниот систем ќе бидат донесени во најскоро време, по направени консултации со Министерството за финансии и прифаќање на конструктивните забелешки со цел нивно подобрување. За да се воведат квалитетни даночни реформи ќе се организира јавна расправа на која ќе бидат присутни претставници од сите засегнати страни, да се слушнат нивните мислења, ставови и забелешки, а со цел да се донесе заеднички прифатливо законско решение. По однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор, Стојаноски посочи дека земјава е аспирант за членство во ЕУ и потребно е да има администрација која ќе биде мотивирана да ги спроведува неопходните реформи за влез во ЕУ. Со цел зголемувањето на платите во јавниот сектор да не се одрази негативно на буџетот, потребно е да се контролира расходната страна и да се намалат непродуктивните трошења.
На средбата членовите на Комисијата ги изнесоа своите мислења и за енергетскиот сектор во државата, производните капацитети, алтернативните извори на енергија, цената на електричната енергија, субвенционирањето на електричната енергија со буџетски средства и стапката на данокот на додадена вредност.
На крајот на средбата, претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски, се заблагодари за посетата и истакна дека истата е особено значајна имајќи ја предвид економската состојба во која се наоѓа државата, зголемената инфлација и растот на задолжувањето, се вели во соопштението до медиумите.