Младите мажи во Германија ќе можат да патуваат во странство без дозвола од Бундесверот
Мажите на возраст од 17 до 45 години во Германија ќе можат да патуваат во странство без претходна дозвола, независно новиот Закон за воена служба, соопшти синоќа Министерството за одбрана на Германија.
Министерството соопшти дека во текот на оваа седмица ќе издаде општо изземање од примената на одредбата од Законот според која мажите на возраст од 17 до 45 години треба да бараат дозвола од Бундесверот за престој во странство подолг од три месеци.
Како што се појаснува, одредбата е предвидена исклучиво за случај на „состојба на напнатост“ и би се применувала само доколку воената служба стане задолжителна, а не врз доброволна основа како што е сега.
Законот стапи во сила во јануари, но односната одредба во голема мера помина незабележано се до петокот, кога предизвика загриженост во јавноста.
Новиот пропис е усвоен со цел зајакнување на бројната состојба на Бундесверот и исполнување на целите на НАТО, во време кога во Германија расте ставот дека земјата предолго се потпирала врз Соединетите Американски Држави, додека зголемените тензии со Русија поттикнуваат барања за зајакнување на одбранбените капацитети низ Европа.
Според новите правила, сите мажи на возраст од 18 години ќе бидат евидентирани и ќе треба писмено да одговорат на прашалник дали сакаат доброволно да служат војска. Жените, исто така, ќе добиваат такви писма, но за разлика од мажите, не се обврзани да одговорат.