Младиот боксер Еди Насуфи загина во сообраќајка кај Велешта


Македонскиот бокс е завиен во црно по трагичната вест за смртта на младиот боксер Еди Насуфи, кој загина во сообраќајна несреќа ноќеска. Тој имаше само 19 години.

„На 20.08.2025 околу 23.30 часот во ОВР Струга било пријавено дека на регионалниот пат Струга-Дебар, во с.Велешта, струшко, патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Е.Н.(19) од с.Велешта, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Е.Н., а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на ОВР Струга, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција“, пишува во полицискиот билтен.

Насуфи беше редовен репрезентативец на Македонија во повеќе возрасни категории и важеше за еден од најголемите таленти на македонскиот младински бокс. Своите спортски вештини ги развиваше во струшкиот клуб „Синди“, каде остави силен впечаток со својот талент и посветеност.

Големата загуба ја потврдија и бројни спортски колективи, меѓу кои и македонскиот фудбалски прволигаш Струга Трим Лум, кој преку соопштение изрази искрено сочувство до семејството на младиот спортист.

Еди Насуфи е роден во струшкото село Велешта. Неговиот предвремено прекинат живот остави длабока трага кај спортската јавност и кај сите кои го познаваа како млад боксер со огромен потенцијал и светла иднина пред себе.