Млад, а голем во свирењето: Басистот Иван Кукиќ е новата музичка ѕвезда


Иван Кукиќ, по години млад (26), по свирење голем. Со Влатко Стефановски трио, како басист, отсвири околу 137 концерти дома и во странство, а уште скромен, и секогаш насмеан. Има звучно презиме, а и личи на татко му, музичарот Горан Кукиќ. Мајка му, пак, пејачката Ленче Кукиќ е горда на својот единец кој тргна по различен музички пат, од нивниот. Од родната Струмица, па неколку  години на релација Скопје-Белград, заради студиите по музичка продукција и дизајн на звук во Белград, каде дипломираше пред една година. Чудо од дете. Свири гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонира, аранжира и пее.

Неговиот талент го препозна и најголемата музичка регионална дискографска куќа- Кроација рекордс од Загреб, која му го објави деби-албумот, „Sunday Vibes“. Денес, во опуштена атмосфера, во Скопје, со пријатели и медиуми, гостите ги почувствуваа саботните вибрации на талентот на Кукиќ и неговиот струмички бенд, кои ги претставија песните во соработка со балканските ѕвезди на мал акустичен концерт.

Влатко Стефановски и Иван Бечковиќ на промоцијата во Скопје

На промоцијата присуствуваше Иван Бечковиќ од „Кроација рекордс Македонија“, новата ѕвезда ја претстави познатиот музички менаџер Владимир Мандичевски- Манде, кој во оваа пригода го спомна Дадо Топиќ кој чул дека Влатко има„некој клинец кој убива на бас“,  а на промоцијата на Кукиќ му дојде и Влатко Стефановски на кого му се обраќаше со маестро. 

Албумот има десет песни, од кои две се веќе промовирани како синглови: „Балада за една љубов“ и „Друмови“. Куќиќ со својот бенд на промоцијата ги отсвири најинтересните – „Sunday Vibes“ која со Влатко ја свири со поинаков аранжман на албумот, „Добар и лош“, песната „Пружам руке две“ со живата легенда Дадо Топиќ, „Мјузик филозофи“ со бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов, како и „Друмови“.  На албумот ја има и песната во соработка и со групата „Јупитер“- „Лајф он Јупитер“, „Зрно наде“ со грчкиот блуз и рок гитарист Сакис Доволис, и синглот „Балкан фанк“ , снимен со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.

Л. Сабит