МКК Куманово казнет со 400 илјади денари и четири домашни натпревари без публика

Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација, Александар Милојевиќ ги изрече казните за МКК Куманово поради инцидентот на натпреварот со МЗТ Скопје Аеродром во полуфиналето на плејофот.
На средбата во саботата во салата „Перо Наков“ во Куманово, поголема група од публиката по завршувањето на првото полувреме влезе на теренот и ги нападна домашните играчи. Незадоволството на навивачите од високата негатива што ја имаше Куманово најмногу го почувствува Тадија Тадиќ кој беше влечен за дрес и туркан.
По неколкуминутен прекин и реакција на редарите и полицијата, ситуацијата се смири, а судиите одлучија мечот да продолжи по празнење на салата.
Куманово по три основи е казнет вкупно со 400.000 денари, исто така и со четири натпревари на свој терен без публика.
Ова е највисока казна изречена за еден македонски кошаркарски колектив.