Митрев: Не се плашам од обвинение, ќе се докажувам ако треба 100 години
„Јас не се плашам од обвинение, ќе се докажувам ако треба 100 години за тоа бидејќи нема такво нешто. Јас ќе одам на суд и ќе се докажувам пред суд. Може требаше да ме обесат на почеток, бидејќи бев осуден на бесилка на самиот почеток. Кога се објави емисијата, следниот ден на врата ми беа од ОЈО, финансии, организиран криминал, контроли, комисии. Тоа никогаш не се случило за никој друг. Јас сум жртва, планирано со сценарио до ден денес. Никого не сум измамил. Од почетокот до денес работам искрено. Направив врвна болница, се задолжив многу и нема факт и аргумент дека некој сум сакал да измамам“, изјави Жан Митрев во Топ Тема.
Тој објасни дека имал преговори за влез на лица како дел од сопствениците за клиниката пред КОВИД. Не се одлучил на тој чекор за да се заврши процесот на дигитализација на болницата.
„Само што се објави сторијата на ИРЛ дојдоа повеќе од 4-5 странски понудувачи. Дали е случајно или намерно не сум тој да судам. Одеднаш се јавија со нови понуди многу заинтересирани. Се разбира дел од нив со полоши услови”, објасни Митрев.
Тој ги отфрли исто така тврдењата дека заради поголема заработка била правена хемофилтрација кај пациентите.
“Ние сме една од ретките болници којашто е целосно дигитализирана. Целиот систем не дозволува каква било манипулација, се е документирано. Кај нас се лекуваа 1.743 пациенти од КОВИД кои само 35% се ставени на хемофилтрација. Имаме двојно помала смртност од јавното здравство, а една од ретките клиники сме што ги пријавувавме сите смртни случаи уште првиот ден”, вели доктор Жан Митрев во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма телевизија.
Според Митрев, хемофилтрацијата е релативно стара метода и вели дека не се употребува на лекување на КОВИД и други инфективни болести, туку е процедура.
“Тоа е слично на хемодијализа. Од самото основање ја користиме хемофилтрација, а овој нов начин е 2008ма, а новиот филтер е од 2013 што вади некои имунолошки активности. Пациент кога ќе западне во форма на болеста каде откажуваат бубрезите и срцето се оптеретува, ако не го ставите на таква процедура, пациентот секако ќе почине. Ние не лекувавме КОВИД, туку состојба предизвикана од вирусот”, вели тој.
Во однос на цената на лекување во Клиничката болница Жан Митрев, тој истакнува дека на ниту еден од пациентите не му било наплатено од почетокот, туку станува збор за депозит којшто се уплаќал при прием на пациентот, а по завршување на лекувањето неискористените средства биле вратени на пациентите.
“Депозитот беше затоа што видовме кога доаѓаа пациентите од почетокот дека се во катастрофално тешка состојба и бараа огромни напори и средства да се постигне позитивен резултат. Беа вклучени 600 евра ден на интензивна нега, 10 дена и можни две хемофилтрации. Една хемофилтрација е 3000 евра, според економски параметри колку чинат филтрите и течностите. Со цената се манипулираше и се манипулира сеуште. Ниту еден пациент не беше доведен во заблуда. Тоа е основен принцип во моето работење изминатите години. Сето ова сега е исценирано така за да се направи толку негативна пропаганда да и се наштети на клиниката”, додава доктор Жан Митрев во Топ Тема.