Митрески: ВМРО-ДПМНЕ поднесе несериозни, безобразни и апсурдни амандмани за Деловникот  


Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска ја обвини опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека продолжува со неодговорно и несериозно однесување на штета на граѓаните и институциите, која, како што кажа, поднела бројни несериозни, безобразни и апсурдни амандмани на предлог измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието.

-Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, но и целокупната опозиција во Парламентот не сакаат функционално Собрание и продолжуваат со својата деструктивност да работат директно на штета на граѓаните. Тоа е срамно и неодговорно однесување, тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, рече Митрески.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ рече дека неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ поднеле амандман во кој се вели дека „За време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера“. Понатаму, додаде тој, во дел од амандманите се вели, пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на автомеханичарски салони и месарници, да не смеат да носат џемпери затоа што, замислете, тоа било навреда за Собранието.

-Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце.

Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците, рече Митрески. Во однос на облекувањето, тоа, според Митрески не е само навреда на луѓето кои чесно си го заработуваат својот леб, затоа што облеката не го чини човекот, туку е и девалвирање на целото Собрание.

Митрески рече дека бројни амандмани се околу стапувањето на сила на измените.

-Па и тука опозициските пратеници се препуштиле на дрскоста и безобразноста па во однос на стапувањето на сила поднесени се амандмани кои велат стапување на сила 40-тиот ден по влезот во ЕУ, па 41-виот, 42-иот и така натаму, рече Митрески.

ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива и Алијанса на Албанците поднесоа над 3.000 амандмани за предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, кои, според Митрески, се со единствена цел – блокада на работата на законодавниот дом.

-Ова е класичен пример на понижување на Собранието, на погазување на интересите на граѓаните чии претставници сме. Ова јавноста го гледа и ќе го цени. Деструктивноста, антидржавното и антинародно однесување на опозицијата во Собранието, може да ја забави, но нема да ја спречи функционалноста на институциите. Со и или без нив, граѓаните ќе добијат функционално Собрание посветено на реформите важни за државата и граѓаните, рече Митрески.