Митингашите блокираат


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Гости не можеа да стигнат на роденденска забава која се организираше во игротека на скопското Кале, картите за претставата „Реалисти“ беа распродадени, но публиката ја немаше, а дел од родителите не можеа да стигнат да ги гледаат своите деца што учествуваа во претставата во паркот кај авиончето во населба Аеродром. Понеделнички, кога со колегите и пријателите го сумираме викендот што измина, заклучуваме дека секој останал заглавен во центарот на Скопје оти партиите организираа митинзи, едните пред Влада, другите пред Рамстор. Оние што ги следат кампањите на партиските кандидати дискутираат за нивните пораки и  гафови, но оние што не ги интересира кампањата и ја менуваат програмата со спотовите на кандидатите кои ги платиле од свој џеб, викендов не можеа да ги избегнат партиските митинзи. Членовите, симпатизерите и поддржувачите кои ги донесоа партиите од цела Македонија им ги затворија улиците во центарот на Скопје, а беа ангажирани дури и градските автобуси за да донесат граѓани да ги слушаат. Главниот град беше блокиран цел викенд и за оние што решиле да останат во Скопје, имаше предвиден посебен сообраќаен режим.

Колони партиски автобуси беа паркирани кај Стара Рампа, пред трговскиот центар Скопјанка и кај надвозникот во Црниче. Кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска, испраќаше пораки од пред Владата во саботата вечерта во 19 часот, а следниот ден, кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, митингуваше пред зградата на ЕУ-Инфоцентарот, кај трговскиот центар Рамстор. Вмровскиот митинг ги затвори дел од булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски. Во соопштението до јавноста во кое се информираше кои улици ќе бидат затворени беа наброени речиси сите главни сообраќајници во Скопје. „Блокадата ќе почнува од Соборниот храм, потоа право по булеварот Партизански одреди, десно по улицата Васил Главинов, па лево по улицата Димитрие Чуповски и право до крстосницата помеѓу улицата 11 Октомври и булеварот Кочо Рацин. Потоа, пред МТВ и МАНУ право по булеварот Крсте Петков-Мисирков, право по булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улицата 11 Октомври, како и пред Транспортен центар право по булеварот Кузман Јосифовски-Питу, лево по булеварот Кочо Рацин до крстосница со улицата 11 Октомври. Исто така, ќе биде затворена делницата од Тутунскиот комбинат право по улицата 11 Октомври до крстосницата со булеварот Кочо Рацин, како и од крстосницата помеѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Беласица право по булеварот Кочо Рацин, десно по улицата Свети Кирил и Методиј до седиштето на ЕУ, каде што во 14 часот ќе се одржи митинг“, стои во соопштението.

Иако кандидатите за претседател секоја вечер одат во различни градови низ Македонија за да допрат до сите граѓани, односно до нивните членови и до неопределените, во Скопје пак ќе ги донесат истите луѓе. Дел од нив ќе останат и ноншалантно ќе ги слушаат нивните пораки, надевајќи се дека ќе ќарат работно место во администрација, а другиот дел ќе го искористат бесплатниот превоз за да се прошетаат по скопските кафулиња и трговски центри. Сепак, речиси сите ќе се сликаат со партиското знаме и на своите фејсбук-профили ќе објават слики за да се пофалат дека дале поддршка за својата партија.

Сендвичите и автобусите беа заштитен знак на едно минато време кое го создаде вмровската машинерија. Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција и кога најбогатата партија во Европа нема пари како порано, се намали и бројот на нивните автобуси. Но, оние што додека беа во опозиција ги обвинуваа дека ги малтретираат своите членови и ги носат по митинзи, сега ги наредија партиските автобуси низ цел центар. Европа и европските вредности се нештата што им ги ветуваат кандидатите на граѓаните за да го освојат нивниот глас. Но, во Европа граѓаните не се заложници на желбите на секоја партија која ќе дојде на власт и во која се канализира целата моќ. Секоја партија има право да го мобилизира членството и да им нуди подобра иднина на сите граѓани, но не смеат оние што имаат други приоритети да бидат заложници на нивните желби и ним да им се скрати правото на слободно движење. Своите партиски лидери и кандидати може да ги величаат во некоја спортска сала или друг објект, надвор од центарот на градот каде што нема да ги тормозат и оние што не се заинтересирани да ги слушнат нивните ветувања.