Митева: Штрајкот на УПОЗ е незаконит и политички мотивиран
Најавениот штрајк на вработените во повеќе министерства и институции, што почна денеска, а во петок ќе се штрајкува и пред Министерството за финансии, со кој се бара 30 отсто зголемување на нивната плата, за Владата е незаконит и политички мотивиран.
Ги повикуваат претставниците, преку своите членови во Економскиот совет, да ги изнесат своите барања, а доколку се одлучиле на штрајк им сугерираат кој е начинот тоа да се направи.
„Подготвени сме да разговараме на секоја тема. Но, воедно, секој штрајк треба да биде организиран во согласност на Законот за работни односи и колективните договори; да биде најавен согласно Законот; да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи за жал ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и дека овој штрајк е политички мотивиран“, рече портпароклата на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција.
Митева вели дека Владата е отворена за секакви сугестии, но дека има бројни механизми за да се отворат овие прашања, меѓу кои и Економскиот совет, каде УПОЗ има претставници, кои досега не го поставиле ова прашање на состанок на Советот.
Обвини дека се сомневаат оти синдикатот вака делува како продолжена рака на партиите „кои досега, за жал ги злоупотребуваа правата на работниците“.
Од друга страна пак, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, пред неполн час, на почетокот на штрајкот, рече дека за решавање на ова прашање повремено протестираат повеќе од четири години, но дека ниту една влада немала слух за барањето за зголемување на платите.
Место зголемување од 30 отсто, за 40 отсто намалена им е платата на оние кои штрајкуваат
На новинарско прашање дали е возможно платата сега да се зголеми од 30 отсто, Митева повтори дека се подготвени за дијалог за наоѓање на решение, а тоа може да се дискутира на Економскиот совет.
„Повикуваме на дијалог, а не на штрајк“, рече Митева.