Мисовски: Џафери е најдобар претседател на Собранието досега


Потпретседателот на Собранието, Горан Мисоски од НСДП  вели дека Талат Џафери е најдобар претседател на Собранието досега, иако во еден период на таа функција беше и досегашниот лидер на неговата партија, Тито Петковски.  Тој ја прокоментира како политичка пресметка аудио снимката од која се слуша како Џафери вика, пцуе и ги навредува собраниските службеници. 

Осуда или коментар за однесувањето на собранискиот спикер, деновиве немаше ниту од останатите коалициони партнери во власта.  Самиот Џафери молчи за снимката.

Наредната недела на собраниска комисија пратениците ќе расправаат за навредите кои кон вработени во Собранието ги упати спикерот. Опозициските партии, кои поведоа постапка во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања  денеска излегоа со нови обвинувања дека намерно не се закажува седницата на  која треба да расправа за аудио снимката. опозицијата тврди дека  за време на случката во пленарната сала имало повеќе пратеници од власта и ги охрабрува да посведочат и тие за однесувањето на собранискиот претседател.