Миша Поповиќ: Политичките партии се најголемиот проблем во борбата со корупцијата


Миша Поповиќ од Институтот за демократија на расправа на тема антикорупција и млади оцени дека политичките партии се генератори на корупцијата во Македонија и се додека е така, тешко ќе биде справувањето со неа. 

„За да почитувате правила, за да мислите дека државата треба да ви наметне повисоки даноци, или како треба да се развива во иднина во голема мера зависи од довербата која граѓаните ја имаат во институциите и политичарите. Развојот на земјата зависи од поддршката од граѓаните, а таа доверба се гради ако државата им испорачува услуги на граѓаните. Ако тие се задоволни, имаат добро образование, перспектива, шанса да најдат работа, чист воздух, функционален здравствен систем тогаш тие ќе се согласат кога државата ќе рече сега мора да штедиме, сега мора да плаќате повисоки даноци или сега ќе се опуштиме – сето тоа зависи од довербата.

Политичките партии во моментов се најголемиот проблем во борбата со корупција, бидејќи тие се борат за власт и кога се на власт овозможуваат корупција на сите нивоа – од  најниска до највисока. Подмладоците на политичките партии се потенцијал за да се подобри работата на партиите. Младите треба да се поттикнуваат да членуваат во политичките партии, но младите треба да се поттикнат да ги демократизираат партиите. Ако се оди по судбоносната логика – влегувам во политичка партија за да се вработам, тогаш ништо нема да се случи во наредните 30 години во земјава. Н, оваа генерација на млади е израсната со повеќе шанси за да видат како е на Запад, за да видат кои се лошите, а кои добрите страни на земјите кон кои тежнееме и таа култура од таму да се обидат да ја применат во политичките партии овде“, оцени Поповиќ.