Мисајловски: Прагот од 5 отсто за одбрана е невозможен


Најавите за вложување 5 отсто од БДП за одбрана, што е повеќе од двојно од сегашната цел за трошоците на Северноатлантската алијанса, е сериозна сума што ќе претставува проблем за многу европски земји, вклучително и нашата земја. Сепак, Македонија низ периодот што следува со издвојувањето за воено-одбранбениот сектор ќе направи обид издатокот да достигне 3 проценти, што за мала земја и армија како нашата е тешко, но реално достижно, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски  во интервју за „Слободен Печат“.

– Тоа е сериозна сума од 5 проценти. Многу влади би имале проблем да стигнат до 5 проценти, но она што се разговараше на последните состаноци на НАТО, на кои и јас присуствував на еден од нив, како и на НАТО-самитот во Вашингтон, беше кажано да се стигне над 3 проценти. Во овој момент е тешко и над 3 проценти да се стигне во која било земја. Нашата задача да вложуваме над 2 проценти од БДП и над 20 отсто од средствата за одбрана да бидат за модернизација ние ја исполнуваме, но ова ќе биде сериозен чекор. Јас знам дека во вакви времиња, на вакво тло, се бараат инвестирања постојано во дополнителна опрема и буџетот мора да расте. Сепак, да видиме дали некоја земја ќе го достигне овој процент. Ова сигурно ќе биде една од главните теми на првиот самит на НАТО на кој ќе присуствува Трамп во јуни-јули – рече Мисајловски.

Според министерот за одбрана, иако зголемувањето на издатоците за одбрана на 5 проценти се чини невозможно во актуелната економска ситуација, дури и за релативно побогатите нации, Македонија ќе продолжи со издвојувањето за воено-одбранбениот сектор.

– Повеќе од 106 милиони евра средства од овогодишниот буџет или 18 милиони повеќе од ланскиот ќе бидат одвоени за модернизација на Армијата. Министерството за одбрана далеку од бараното ниво за модернизација на Армијата веќе одвои и тука секако влегува набавката на хеликоптерите „леонардо“, оклопно-борбените возила „страјкер“, противвоздушниот систем „мистрал“ како и турски хаубиците „боран“ кои ќе бидат дел од системите за кои ќе бидат одвоените средства од Буџетот за оваа и за годините што доаѓаат. Тоа се огромни суми што ќе треба да ги исплаќаме во иднина, но она што ме радува е фактот дека поголем дел од набавките ќе стигнат токму оваа календарска година. Како ексклузивно можам да потврдам дека веќе на почетокот од следниот месец македонската армија ќе се опреми со шест нови американски борбени возила „страјкер“. Ова е дел од договорите потпишани со САД, кои во периодов наидуваат на нивна реализација – истакна Мисајловски.

Одлука за испраќање наши војници во Украина нема и нема да има, тврди првиот човек на Одбрана. 

– Не е побарано, но и да се побара, Македонија нема да испрати свои војници или мировници во Украина. Но, она што е добро во ситуацијата, односно се навестува, е дека ќе има разговори за мир. Македонија секако ќе придонесува за глобалниот мир, но наш интерес е да го штитиме и да го чуваме домашниот мир – истакна Мисајловски.

За најавите на ВРЕДИ за Закон за поранешните припадници на ОНА рече дека таква инцијатива ниту постои ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи.

– Македонски бранители, се знае кои се македонски бранители. Оние што ја чуваат, ја сакаат и го даваат животот за Македонија, односно оние што секојдневно работат како да се придушат сите структури што сакаат да го загрозат суверенитетот и безбедноста. Не знам за какво решение станува збор, но секој треба да знае дека независно од националноста, тие ако се дел од Армијата или полицијата, сите се наши бранители и само тие луѓе треба максимално да ги почитуваме – заклучи Мисајловски.