Мирко Попов се бори за живот на една од скопските клиники


 

Мирко Попов (51), еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика, бил хоспитализиран на една од скопските клиники. Како што објави „Музика 24“, наводно, тој доживеал тежок облик на мозочен удар.

Според музичкиот портал, Попов вчеравечер бил примен во болница во тешка здравствена состојба и бил ставен на машина за дишење, а медицинскиот персонал се бори за неговиот живот. Неофицијално, причината за хоспитализацијата е обилно мозочно крварење.

Попов е македонски диџеј и продуцент на електронска музика, кој со оваа професија се занимава уште од осумдесеттите години.

Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда за човек. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.

Во 1998 година ја формирал „ПМГ Рекордингс“, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. Денес „ПМГ Рекордингс“ е водечка независна дискографска куќа во земјата.

Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, за во 2003 сето тоа да прерасне во бендот „ПМГ Колектив“ (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено неколку албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.