Мирисот на облеката


ЛЕЈЛА САБИТ

По мирисот, а не по цената почнавме да ја избираме облеката.

Дали пред продавницата ќе нè нокаутира мирисот на пластика, хемикалии и вештачки материјали, или мирис на чисто и на природни материјали кои траат повеќе и не ви ја трујат кожата, вас или околината.

И луксузот во светот има цена, скапите модни колекции од Милано, Париз, Њујорк и Лондон се шијат на Далечниот Исток, со евтина платена работна рака и во нечовечки услови.

Оригиналите како „Версаче“ заминуваат во историјата, фалсификатите уште долго време ќе се продаваат и носат низ улиците кај нас и во светот.

Квалитетот и природниот изглед исчезнуваат од нашиот приватен и јавен живот, но останува фалењето од типот: јас имам, ти немаш, јас можам, ти не можеш, јас сум бог, а ти поданик.

„Версаче“ беше класична приказна дека сè што сјае не е злато, дека среќата не се мери со пари, дека не е доволно славните да те рекламираат и да си во друштво на најубавите жени и мажи во светот.

Што значи да се има стил? Во време кога во светот актерки тинејџерки се расфрлаат со висока мода како да се маички, па потоа добиваат пофалби за својот стил како да се нови Одри Хепберн, не треба ли малку повеќе за тоа од позајмен фустан и црвен килим?

За да те паметат по стилот, потребни се фантазија, држење, љубов кон уметноста, страст за дизајн и – најважното – добро познавање на себеси, однатре и однадвор. Треба да ја сакате облеката, да се види умешноста и предаденоста на дизајнерите. Естетско доживување е да се направи и наједноставната облека да изгледа шик.

Облеката, тоа сте вие, вашето расположение, вашето почитување кон настанот или личноста… Ги следите трендовите – но крајниот резултат е гардероба со вашата енергија.

Стилот не е само естетска категорија туку и второ име за култивираност, космополитизам, елитизам, па дури и облик на ексцентричност и може да се види во секој облик на човечкото дејствување.

Стилот кај жената и кај мажот се препознава не само по она во што се облечени туку и по држењето, ставот, енергијата што ја зрачи. Жена со стил е жена која инвестира во својата нега, образование, која е амбициозна, а истовремено и домаќинка, сопруга. Жена која е задоволна од својот живот. Која е информирана, ама не бистри политика по цел ден и ноќ. Која се препознава по мирисот на кожата и облеката.

„Версаче“ беше синоним на времето кога луѓето се ценеа по брендови, а не по карактерот.

Секогаш ќе има за и против, за некого и понатаму ќе значи сè, а за некого ништо.

Некој ќе купува во Солун или во Париз, а некој ќе биде задоволен и со Скопје.

Убавината е во различностите, нели?