Министрите на ЕУ два дена ќе го разгледуваат предлогот за реформи и проширувањето

На средбата во шпанскиот град Мурсија министрите за европски прашања во три групи, а потоа на пленарна сесија, ќе го градат ставот за француско-германскиот предлог


Поранешниот артилериски гарнизон во Мурсија, Шпанија, каде ќе се состанат министрите за европски прашања на ЕУ

 

Министрите за европски прашања на ЕУ денеска пристигнуваат во јужниот шпански град Мурсија каде на дводневен неформален состанок треба да расправаат за тоа како Унијата ќе треба да се промени за да се направи простор за новите членки – земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина. Нивните средби почнуваат денеска со вечера. Утре наутро тие ќе бидат поделени во три групи за да работат на три различни теми: „Институционални предизвици“, „постепена интеграција“ и „влијание (на проширувањето) врз политиките на ЕУ“, објави денеска „Политико“.

Основа за нивната дискусија е документот на 12 експерти што заеднички го предложија Франција и Германија во кој се наведуваат идеите за опсежни структурни реформи на Европската унија, во кој главна препорака е новата проширена ЕУ да биде Европа со четири концентрични кругови. Документот предлага радикални реформи за да се насочи структурата на ЕУ, вклучително и намалување на бројот на еврокомесари и членови на Европскиот парламент и укинување на националните вета. Особено кога треба да се затвораат поглавјата при преговорите на земјите кандидати. Тоа да не биде едногласно, туку со квалификувано мнозинство. Според предлогот, најмотивираните би можеле да здружат повеќе овластувања, додека другите земји би можеле да останат во ЕУ без да се движат кон сè поблиска унија.

Овој состанок на европските министри е подготвителен за европскиот самит на почетокот на октомври во Гранада и прочената Алхамбра. Првиот ден на тој дводневен самит ќе има собир Европската политичка заедница, а утредента ќе се состанат лидерите на ЕУ. Од Берлин има навестувања дека канцеларот Олаф Шолц сака да го искористи собирот во Гранада за јасно да воспостави врска помеѓу проширувањето и реформите на ЕУ, за таа да не заврши со клуб што не може да се раководи со 35 земји со право вето.

Коалициската влада на Германија се залага за овие реформи, но опозициските христијански демократи (ЦДУ) е против и повеќе сака преговорите со земјите кандидати да траат со децении. Голем противник на реформите е Полска, чија националистичко-популистичка влада се чувствува загрозено ако го загуби правото на вето во многу области.