Министрите на ДУИ поднесоа оставки, ќе важат откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

Од СДСМ порачаа дека сега сите услови што ги поставуваше Мицкоски за ВМРО- ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети.


 Министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени. 

– Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките,  автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Али Ахмети на Фејсбук.

Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени. 

– Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече Османи на средбата со новинарите.

И вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во понеделникот на телевизиско гостување рече дека се подготвени да излезат од Владата во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени.

Прашан дали ДУИ се подготвени да излезат од Владата доколку тоа е цената што треба да се плати, Груби рече дека не само да излезат од Владата, туку и да се откажат од прв премиер Албанец во Владата, да се откажат од Пржинската Влада…

-Од сето тоа да се откажеме и да одиме или на предвремени избори веднаш по гласањето на уставните измени или да одиме на редовни избори. Ако им се седи во Влада уште една година, пет, шест месеци, 10 месеци колку има, нека си седат во Владата, само нека гласаат за уставните измени. ДУИ во истиот тој момент од изгласувањето на уставните амандмани, излегува од Владата и им овозможува да владеат без ништо од тоа што очекуваме до крајот на мандатот, рече Груби во понеделникот за Канал 5 телевизија.

Едно од барањата на опозицијата на лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ беше да се формира влада во која нема да учествува ДУИ.

Од СДСМ порачаа дека со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и влада без ДУИ.

-Големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност.  На потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во Белата палата.

Членството во ЕУ е врвна стратешка цел, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи. Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина.  Со глас за Европа во македонското Собрание Мицкоски и ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, наместо да ја одвојуваат македонската од европската агенда, да ја поддржат. Мицкоски треба да донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат, порачаа од СДСМ.  

Оставките ги најави лидерот на ДУИ Аки Ахмети во писмо испратено до премиерот Димитар Ковачевски во кое стои: 

-Ценејќи дека нашата земја, Република Северна Македонија, е во критична фаза од нашата европска иднина, имајќи ја во предвид тежината на интеграцијата како политичка организација во последните 20 години, ценејќи дека големите одлуки бараат одговорност и политички, национални и државни жртвувања од секој од нас, тргнувајќи од условот на опозицијата дека ќе гласаат за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата.

Легитимно избрани по волја на албанскиот гласач, свесни за надежите и соништата на луѓето да станат дел од големото европско семејство, имајќи во предвид дека Демократската унија за интеграција и јас остануваме посветени на определбата дека евроатлантските интеграции, со целосни права на државата, освен во НАТО, исто така и во Европската Унија, како и непрекинатото сојузништво со Соединетите Американски Држави, беа, се и остануваат најголем интерес на сите наши граѓани, без разлика на нивната национална и верска припадност,

Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесуват оставки од функциите што во моментов ги извршуваат! Оставките, премиере, се материјализират автоматски во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставни измени.