Министри и пратеници се редат во поддршка за Тошковски

По отфрлањето на интерпелацијата за Панче Тошковски и особено по напнатата негова средба со дел од родителите на загинатите деца во Кочани во сала во МВР, пратеници, министри и партиски активисти на Фејсбук се редат во колони за поддршка за министерот за внатрешни работи. Додека вчера пратениците расправаа за интерпелацијата гневните родители на загинатите кочански деца маршираа од едно место до друго во Скопје. Кога дојдоа пред парламентот ги повикаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица да излезат и разговараат со нив.
Вмровските пратеници останаа во салата, немаа храброст да се соочат со тажните родители. Единствениот пратеник од Кочани, Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, на Фејсбук објави дека „длабоко сочувствувам со болката на родителите кои денеска се пред Собрание“. И дека „лично, останувам достапен за секоја средба, разговор и поддршка што е во моја моќ — на соодветно место, на начин што ќе биде соодветен и на институционалните надлежности и со полно почитување на болката на семејствата“.
Додека тие виртуелно сочувствуваат со болката на родителите од Кочани на Фејсбук течат реки поддршка за Панче Тошковски. Министерот за одбрана Владо Мисајловски пишува: „Гордо и искрено, целосна поддршка за мојот колега Панче! Човек кој работи чесно и со визија. Заедно се залагаме за Македонија што обединува, Македонија на вредности, правда и иднина!“.
Пратеникот Антонио Милошоски додава: „Не помина интерпелацијата на Левица и СДСМ против МВР, Панче Тошковски. Целта им беше провидна. Прво лична дискредитација на Тошковски, а потоа злоупотреба на семејните емоции од големата трагедија во Кочани. Манипулативни намери, наместо реални предлози и поддршка“. Или пратеникот Бојан Стојаноски: „Нема да бидат злоупотребувани трагедии за политички поени. Неспорна е волјата на сите институции за соочување со проблемите. Никој нема да биде оставен сам. Одговори ќе има за сите прашања и сите барања за правда“. Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски вели дека отфрлањето на интерпелацијата ќе бил „дополнителен мотив за министерот Панче Тошковски, да продолжи уште пожестоко и посилно во борбата против криминалот и корупцијата“.
Па уште многу други пратеници. А цели чети приврзаници или членови на ВМРО-ДПМНЕ се надоврзуваат со исти или слични изјави во поддршка на Панче Тошковски и молчат за очајните родители од Кочани.