Министерството за здравство немало надлежност за „мозоците“, но постапката за нивно изнесување е ригорозна

Минмистерот Азар Алиу сепак формирал работна група која ќе го истражи случајот


Во врска со актуелната тема во јавноста за научна студија за мозочни примероци меѓу Институтот за судска медицина и МАНУ,  Министерството за здравство соопшти дека нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност.
 
„Од Медицинскиот факултет сме информирани дека научно-истражувачката работа која е поврзана со биолошки материјал кој во себе содржи генетски карактеристики е предмет на ригорозно нормативно регулирање, како што е Закон за научно истражувачка дејност, Правилник за клинички испитување, Упатство за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали, како и начинот на пакување и обележување биолошки материјали. Дополнително потенцираме дека во посочениот временски период законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 наваму законската обврска за чување на документацијата е 25 години.
 
Постапката за транспорт на ткива во тој временски период се состоела од: Информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научноистражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот.
 
Дополнително појаснуваме дека кога се работи за извоз на биолошки материјал, пред да отпочне самата постапка, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство, кои бараат одобрени за извоз на биолошки материјал, да постои склучен формален договор (меморандум), каде се наведени и прецизирани детални протоколи согласно денешната регулатива и нормативна рамка – строго определени услови каде се прецизно се третира секое постапување со биолошкиот материјал, како и зошто се спроведува истражувањето, децидно да биде наведено постапувањето со биолошкиот материјал, како што се земањето, транспортот, примањето од установата и натамошното постапување“, стои во соопштението од Министерството. 
 
Претходно министерот за здравство Азир Алиу најави дека сепак формира работна група која ќе го истражува случајот. Ќе се проверуваат сите информации и податоци за наводите поврзани со испраќање човечки мозоци од Македонија во САД, ќе се проверува дали имало соодветна документација, дали се барала согласност од семејствата, дали е почитувана правната рамка и етичката димензија. Ресорниот министер вели дека многу скоро ќе се знае што точно се случувало во период од две децении, од 1994-та до 2015-та година, кога соработката со Универзитетот Колумбија прекинала.
 
„ Формиравме работна група која ќе го следи административниот дел за временскиот период кој е таму дефиниран, дали имало некаков документ или не во Министерството или некој меморандум за научни истражувања или за клинички истражувања и анализи.Верувам дека за кратко време ќе ме информираат од различните оддели дали имало или немало таква активност. Засега се е шпекулации и информации што ги слушаме насекаде“, изјавил за Коха  Алиу.

 

 Досега е потврдено дека три државни психијатриски болници – Бардовци, Демир Хисар и Негорци биле дел од проектот во кој македонски патолози и форензичари со години соработувале со Универзитетот Колумбија во Њујорк. Во рамки на таа соработка, тие развиле нов метод за анализа на мозочно ткиво, наречен „нео-Голџи“. Овој метод е опишан во научен труд од 2013 година, потпишан и од професорите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и Ендру Џеј Диворк. Трудот е објавен и во универзитетски билтен на УГД „Гоце Делчев“ – Штип.

Во трудот се наведува дека со методот биле обработени 220 примероци од мозочно ткиво од над 175 човечки обдукции. Според еден од авторите, професор Росоклија, мозоците потекнувале од заедничка збирка на македонски и њујоршки психијатриски институти, најчесто од лица со психијатриски заболувања. Причините за смртта биле различни – самоубиства, убиства, несреќи, давења, труења, срцев удар, како и неколку случаи на тешки болести.

Информацијата изби во јавноста откако во документите поврзани со Џефри Епстин, кои ги објави американското Министерство за правда, беше спомната соработката на негова фондација со универзитетот Колумбија кој користел мозоци од увоз од, како што стои, „малата балканска земја“ Македонија.