Министерството за транспорт ќе дава дозволи и за изградба на супермаркети


Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Измените наводно имаат за цел да ги поттикнат инвестициите, да ја зголемат конкуретноста преку побрзи и поефикасни постапки за урбанизација на просторот, отворање на нови работни места и побрз економски развој.
 
Имено, со измените во Правилникот се предвидува постапките за урбанизација за изградба на супермаркети и хипермаркети со површини над 5000 m2, да се одвиваат преку  Министерството за транспорт.Од причина, а имајќи предвид дека урбанизацијата за овој тип на градби на локално ниво се одвива со забавена динамика,  државата со оваа измена обезбедува помош на инвеститорите преку поефикасна и побрза реализација на инвестиционите планови.  
 
Исто така со предвидените измени се намалуваат и административните постапки кои влијаат на брзата реализација на инвестициите.
 
Оваа подзаконска измена, според Министерството за транспорт, има за цел да ја поттикне конкуренцијата и да ги намали инфлаторните движења во услови на силни предизвици во делот на снабдување во ланците на исхрана.
 
„Забрзаните постапки не се само административни измени, тоа е мерка која ќе обезбеди посилна конкуренција и динамичен развој на државата.  Сметаме дека преку овој пристап инвеститорите добиваат поголема сигурност и предвидливост во постапките. Со цел да се обезбеди целосна транспаретност и вклученост на стручната јавност во процесот на носење на измените, одржувањето на денешната стручна јавна расправа е чекор понапред во отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни“, порачаа од Министерството.