Министерството за правда бара да се предложат експертите за уставните измени


Министерството за правда наскоро ќе ја формира работната група за уставните измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот. Од ова Министерство, како што информираа денеска, побарале од политичките партии застапени во парламентот, но и од претседателот Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи (МНР) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП) да номинираат свои претставници во работната група. Рокот кој им го дале за да предложат експерти е до 10 април 2023 година.

„Во барањето за номинација е наведено дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од преговарачката рамка која ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени“, велат од Министерството за правда.

ВМРО-ДПМНЕ јавно не ја прифати досега понудата да именува експерт, но почна да излегува со предлози за уставните измени и со повик за лидерска средба.