Министерството за култура комплетно ги презеде ингеренциите околу изградбата на Универзална

Изградбата на Универзална сала ќе биде во една фаза, за тоа се обезбедени се 20 милиони евра и се очекува нејзино отворање до крајот на 2027 година, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на новинарски прашања при посета на локалитетот Скупи.
-Како што најавив уште на почетокот на моето министерување, некаде околу средината на јули лани кога ја имав првата изјава во однос на Универзална сала, кажав нема да го ставам мојот потпис се додека не беше ситуацијата таму чиста. Во овој период добив насоки од Влада значи побаравме мислења како треба да постапиме за да можеме да ги расчистиме сите правни недоследности, а верувајте ги имаше многу. И мислам дека резултираше на крај со една кривична пријава на претходната министерка. Сега сите работи се расчистени и го распишавме тендерот со тоа што овојпат нема да биде во две фази, или во три фази како што беше претходно. Универзална сала ќе биде во една фаза, а тоа е клуч на рака, рече Љутков.
Појасни дека во претходниот проект не биле опфатени ниту последиците од опожарувањето, ниту бил опфатен ентериерот и партерното уредување.
-Сега она што беше побарано и од Град Скопје да се исклучат комплетно од целиот овој процес, целиот товар да падне врз Министерство за култура и туризам, тоа го направивме, во соработка со Град Скопје, со Министерството за транспорт и во соработка со Општина Центар. Сите работи ги расчистивме се усогласивме законски и ја распишавме повеќегодишната јавна набавка. Што значи дека ќе биде финансирана некаде од 15 септември, ако биде се во ред со јавната набавка ќе почнеме со градба и ќе биде финансирана 2025, 2026, 2027 треба да заврши до крајот на годината и ќе останат уште одредени средства коишто ќе треба да се исплатат во 2028 година. Отворањето би требало да биде кон крајот на 2027, во зависност од динамиката на изведувачите, истакна Љутков.
Рече дека е помината и одлуката на Влада и обезбедени се средства во износ од околу 20 милиони евра до крајот на 2027 година.
-Сите комплетно ингеренции ги имаме преземено. Значи Министерство за култура и туризам сега е директно одговорно за изградбата на Универзала сала, додаде Љутков.