Министерството за енергетика со тужби си ги бара парите за наплата од должници

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја затекна состојбата во секторот со бројни судски предмети во кои државата беше тужена, без при тоа да биде водена соодветна грижа за одбраната и заштитата на јавниот интерес. За првпат, воспоставуваме системски пристап со кој државата активно се брани во сите постапки и истовремено се покренуваат нови тужби за наплата на долгови од должници.
„Во изминатите години државата била оставена без активна правна заштита – не биле оспорувани клучни докази, не биле преземани мерки за застареност на побарувањата и не биле бранети државните позиции. Министерството го менува тој пристап: активно се вклучува во секоја судска постапка, бара стручни вештачења, ја координира одбраната со Владата, иницира постапки за наплата на долгот на државата. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и ставаме ред во правните постапки“, истакна министерката за енергетика рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Министерството за енергетика, рударствво и минерални суровини со преземањето на надлежностите затекна шест судски предмети по поднесени тужби за вкупна вредност од
421.862.824,00 денари, поднесени против Министерство за економија. Правниот сектор при МЕРМС, уште при преземање на предметите изврши увид во истите и зема учество во судските постапки преку преземање на правни дејствија. Веќе има конкретни резултати: две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари се одбиени, со што буџетот е заштитен од огромни трошоци, а вкупната вредност на предметите против министерството е намалена од 421,8 милиони на 106,8 милиони денари. Секторот за правни работи при увидот во преземената документација утврди дека воопшто нема поднесени тужби против должници (физички и правни лица) за наплата на долг кој произлегува од неплатен надомест. Сепак, во соработка со Секторот за минерални суровини, беше констатирано дека постојат повеќе застарени побарувања по основ на концесиски надомест, како и побарувања за неплатен концесиски надомест за кои не се поведени судски постапки, а има основ државата да бара исплата.
Министерството покрена 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди. Истовремено на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, од кои веќе има позитивна пракса за одбивање на тужби и предлози за времена мерка. Нашата должност е да ги заштитиме буџетските средства, да го прекинеме долгогодишниот хаос и да ставиме ред во сите правни процеси. Со тоа ја браниме државата, а пред сè – интересот на граѓаните,“ велат од Министерството.