Министерството за економија ќе ја обжали одлуката на Управниот суд за „Еуромакс“
Министерството за економија ќе ја разгледа, но и ќе ја обжали одлуката на Управниот суд за „Еуромакс“ во други инстанци зашто е убедено во исправноста на раскинувањето на концесијата, соопшти денеска министерот Крешник Бектеши.
Како што рече Бектеши, одлуката за раскинување на концесијата е согласно со законите и прописите на државата.
-Пред неколку дена бев известен од Секоторот за минерални суровини дека е донесена таква одлука. Секако дека ги почитуваме одлуките на судовите. Во зависност од процедурите што се предвидени ќе ја разгледаме одлуката на Управниот суд, но истовремено и во други инстанци ќе се жалиме како Министерство зашто сме убедени дека одлуката што ја донесовме за раскинување на концесијата за „Еуромакс“ е согласно законите и прописите на државата, напомена Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
Владата во декември лани донесе Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на рудникот за бакар и злато на локалитетот „село Иловица”, во општина Босилово.
-Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица”, општина Босилово од 2014 година и Анекс на Договорот од 2015 година, еднострано се раскинуваат од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини, соопшти тогаш владината прес-служба.
Согласно Одлуката која стапи во сила наредниот ден откако беше објавена во Службен весник, престана да важи Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина–руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за локалитетот Иловица од 2012 година.
Министерот за економија Крешник Бектеши на почетокот на октомври го потпиша документот со кој беше побарана одлука за раскинување на договорот за експлоатација на рудникот Иловица Штука, откако Второстепената комисија донесе одлука со која се раскинува договорот со компанијата „Еуромакс Рисорсис“.
Судечкиот совет на Управниот суд, пак, на 31 март годинава донел пресуда за уважување на тужбата на компанијата „Еуромакс“ која сака да гради рудник во селото Иловица. Компанијата во октомври минатата година поднесе тужба до Управниот суд против решението донесено од Второстепената државна комисија, која ја одби жалбата на „Еуромакс“. Во пресудата стои дека Управниот суд ја прифаќа тужбата како основана.