Министерство за култура: Значењето на „Роман на годината“ е неспорно и затоа и оваа година доби поддршка
Откако Фондацијата „Славко Јаневски“ денес ја извести јавноста дека им е одбиена жалбата за доделените средства за манифестацијата „Роман на годината“, наместо досегашните 281.308 денари, сумата за наградата е намалена на 55.965 денари и со тоа проектот е сериозно доведен во прашање, со реакција се јави Министерството за култура,
Стручната комисија која одлучуваше по пристигнатите проекти годинава во услови на глобална економска криза и намален буџет, беше исправена пред предизвикот да се направи квалитетна и коректна селекција на пристигнатите проекти. Притоа се водеше сметка да се постигне разновидност, да не се наруши традицијата во случај на манифестациите, едициите, одбележувањето на значајните јубилеи, како и, во однос на предложените манифестации, да бидат задоволени потребите на граѓаните за квалитетни културни настани во државата.
Во тој контекст стручната комисија, водејќи се од овие начела и ценејќи го значењето на бројните манифестации, без никакви намери, особено не тенденциозни внимаваше на правилна распределба согласно актуелните состојби. При тоа уште еднаш нагласуваме дека Министерството за култура учествува во поддршката на проектите, а не во нивното целосно финансирање. Значењето на Манифестацијата „Роман на годината“ е неспорно и затоа и оваа година доби поддршка во избраните проекти на Годинешниот конкурс, се вели во сооопштението од Министерството за култура.
Наградата „Роман на годината“ досега е доделена вкупно 24 пати.