Министерство за култура и туризам – каде е логиката?


Фото: Б. Грданоски

Со новотo реорганизирање на владините ресори, ВМРО-ДПМНЕ воведува, разделува или спојува нови министерства. Со ваквиот реформски пристап од 16 министерства, новата Влада ќе ја сочинуваат 20 министерства. 

Едно од министерствата кое се проширува е Министерството за култура кое во своите ингеренции ќе го има и туризмот. Според овој план, новиот министер на Министерството за култура и туризам ќе биде најверојатно актерот Зоран Љутков.

Како и за останатите спојувања и одвојувања на министерствата, се отвори и прашањето зошто е потребно Министерството за култура да се надополни со туризам.

Носител на Законот за туристичка дејност со кој се уредуваат условите и начинот за вршење на туристичката дејност до сега беше Министерството за економија. Со спојување на туризмот со култура, одвојување на енергетика, рударство и минерални суровини во посебно министерство, на Министерството за економија како надополнување на одземеното му се додава труд, а тоа, пак, се одвојува од социјалните политики.

Министерството за култура до сега се грижеше за основите на културата како темелна вредност, облиците на остварување на културата, начинот и условите на нејзиното финансирање, како и други прашања од интерес за културата, што опфаќа и творештво, објавување на уметничкото творештво и заштитата и користењето на творештвото. Следствено на тоа, развојот на туризмот со подобрување на стандардите на туристичката понуда би одел во насока на подобрување на конкурентноста на туристичката понуда во земјата, преку креирање на поволна бизнис клима и зголемена валоризација на културните, па и природните богатства. Но, туризмот не е само тоа, особено ако се земе предвид текстот на важечкиот Закон за туристичка дејност. Со оглед дека угостителството оди рака под рака со туризмот, за очекување е тие ингеренции да му се одземат на Министерството за економија и да ги преземе новото Министерство за култура и туризам.

Турција, Кина, земји како Тринидад и Тобаго, Британска Колумбија,  Виетнам, Ирска или Сиера Леоне имаат свои Министерства за култура и туризам. Некои, како на пример Ирска, дополнително го прошируваат со спорт, уметност и медиа. Ако се задржиме во рамките на регионот, Хрватска има Министерство за култура и медиуми, Босна и Херцеговина за култура и спорт, Србија Министерство за култура и информирање, додека Албанија во состав на владата има Министерство за економија, култура и иновации.

Но Хрватска има 11 министерства, Албанија има 16 министерства, додека Србија има 27 министерства. Се разбира, предвид треба да се има и нивното политичко уредување.

Затоа, спојувањето на културата со туризам кај нас е само илустративен пример за гломазноста или „плаќањето долгови“ на новата Влада. А веројатно и за друг вид политичко маневрирање.

(Цивил Медиа)