Министерство за култура: Град Скопје сѐ уште нема доставено комплетна документација за пресметка на платите


Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура и туризам информира дека од вкупно 123 институции од областа на културата (74 национални и 49 локални), изработи плати за 115 институции.

„Не се точни обвинувањата на СКРМ дека Министерството не ги изработило платите на локалните институции. Министерството за култура и туризам веднаш ги пресметува платите онака како што се доставуваат од страна на општините и истиот ден ги носи на исплата во Министерството за финансии.

Ве информираме дека Градот Скопје за   установите што се под негова надлежност: Библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, Дом на културата „Кочо Рацин“,  Зоолошка градина – Скопје, Детски културен центар – Карпош, Универзална сала, Младински културен центар – Скопје, Музеј на Град Скопје и Културно-информативен центар – Скопје, сѐ уште немаат доставено до Министерството за култура и туризам комплетна документација за пресметка на платите.

Веднаш штом ќе се доставена комплетната документација за плати од страна на Градот Скопје, Министерството за култура и туризам ќе ја обработи и достави до Министерство за финансии за исплата, се вели во соопштението на Министерството. 

Поради доцнење со исплатата на плата за март, Синдикатот на културата (СКРМ) на 22 април одржа протестен совет пред Министерството за култура. Претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори, транспарентност и професионално управување со културните институции, стратегија за развој на културата, како и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување.

Поддршка на СКРМ и на културните работници дадоа и од Сојузот на синдикатите на Македонија.

За време на собраниската седница посветена на пратенички прашања, минатата недела министерот за култура и туризам, Зоран Љутков порача дека го решиле проблемот со исплата на платите и оти конечно е направена достојна и законска пресметка.