Министерот за здравство до тројцата лекари: Ова не е време за молење

Беким сали не даде прецизен одговор дали ќе им се јави лично на лекарите што јавно ги покани, а тие јавно го одбија


 

Ова не е време за молење, туку да се засучат ракавите.

Вака министерот за здравство, Беким Сали ги коментираше реакциите на професорите Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски, кои одбија да станат дел од Комисијата за заразни болести затоа што повикот им бил испратен јавно преку Фејсбук, а не лично.

На прашањето дали ќе ги повика лично тројцата лекари да членуваат во Комисијата, тој не даде прецизен одговор.

„Не е период за молење и лични дискусии и други начини на покани. Сега е период да засукаме ракави и да се справиме со пандемијата“, рече Сали.

„Поканата е јавна до сите експерти. Во случај на пандемија, односно во случај кога ние се бориме против еден вирус мислам дека не би требало да пристапуваме со начинот како сме повикани, туку треба да пристапиме позитивно кон поканата и да одговориме и да бидеме членови на комисии, односно работни групи каде што се судруваат или се дискутираат аргументи со цел доаѓање до некое одредено, привремено, можеби и трајно решение“, потенцира министерот Сали, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за детски болести, каде успешно е излекувано девојче од акутна леукемија.

Сали уште рече дека откако стапил на новата министерска функција, поголемиот дел од денот му е посветен на надградување на Комисијата за заразни болести и дека ургентноста на состојбата бара и да се засукаат ракавите и сите да помогнат колку што можат.