Министерот за одбрана Мисајловски во работно време држи прес-конференција во штабот на ВМРО-ДПМНЕ
Порано се внимаваше колку-толку јавно да не се преминат границите меѓу државата и партијата. Сега тоа се брише, па министри последната недела од кампањата во работното време беа растрчани низ државата.
Изборите завршија (во првиот круг), но министрите преку ден пак се ставени во партиски задачи. Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за успехот на неговата партија на изборите. Па колку советници добиле, колку гласови освоиле во однос на 2021, како граѓаните им веруваат и ги повика пак да гласаат за нив за две недели.
Владо Мисајловски е на чело на многу чувствителен ресор. И би требало да знае дека партиската задача како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да ја остави настрана за време на работното време. Но изгледа дека веќе ништо не е важно од државните правила за партијата која ја има целосната власт во земјата. На сите нивоа.