Министерот Сали не се откажува од клинички центар, но ќе го повлече законот
Според беким Сали работната група составена од власта и опозицијата се согласиле дека треба да се гради Универзитетски клинички центар и сега треба да се одреди локација, големината и цената на чинењето
Еден од најоспоруваните од опозицијата законски проекти – оној за изградба на новиот клинички центар – ќе биде повлечен. Тоа би можело да значи дека опозицијата извојува една мала победа, но и разумско политичко однесување на власта дека за да се стигне до целта некогаш треба да направиш и некој чекор назад.
Откажувањето на законот за клиничкиот центар денеска го најави министерот за здравство Беким Сали. Тоа, на одреден начин значи и свртување од проектот за кој толку долго и упорно се залагаше неговиот претходник Венко Филипче, а беше блокиран од опозицијата со 2.000 амандмани.
Сали рече дека на политичко ниво сите чинители во работната група составена од од него, со учество и на власта и на опозицијата, се согласиле дека е потребен Универзитетски клинички центар. „Засега можам да кажам дека начелно е надмината таа пречка. Меѓутоа, сѐ уште не сме дојдени во фаза на локација, на износ, на содржина на таа клиника, со колкава големина ќе биде тој центар“.
Има три опции за локацијата на новиот клинички центар – касарната „Илинден“, општината Ѓорче Петров и уште едно место на кое веќе има болница, која би се проширила“, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на новиот линеарен акцелератор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Според него, за изборот на локацијата се дискутира околу три работи – „прво, освен политичкиот дел што сметам дека не е главен, ќе биде делот на катастарските услови – дали може да се гради и за колку би се градел клиничкиот центар“.