Министерот Сали го обвини лекарот Даниловски дека дава несериозни изјави
Министерот за здравство заедно со челниците на верските заедници упатија апел до граѓаните за вакцинација
Дали поради тоа што одби да биде дел од Комисијата заразни болести или поради нешто друго, но д-р Драган Даниловски денеска стана цел на напад на министерот за здравство Беким Сали. Слично на она како тој ги критикува здравствените власти за справувањето со корона епидемијата. Министерот Сали денеска беше прашан дали нема протокол за лекување на ковид позитивните пациенти во болниците, како што тврди Даниловски и тој одговори дека „тоа не е точно“. И уште додаде дека Даниловски давал „несериозни изјави кои негативно влијаат во општеството“.
„Сите здравствени институции кои имаат хоспитализирани пациенти почитуваат заеднички протокол кој е напишан од професори од Клиниката за инфективни болести. Не знам од каде ви е информацијата дека нема протокол. Не можам да коментирам изјави на професори кои ги почитувам, но не се подготвени да се справат со реалноста и даваат, за жал, необјасниви и несериозни изјави кои негативно влијаат во општеството“, рече Сали.
Оваа изјава министерот за здравство Беким Сали ја даде додека заедно со челниците на верските заедници денеска уште еднаш повика на масовна вакцинација на населението, нагласувајќи дека тоа е единствениот начин за заштита од ширење на инфекцијата.
„Убеден дека ова е најбезбедниот начин за заштита од ширење на вирусот, но и единствениот начин за спречување на ширење на инфекцијата. Затоа, ве молам, вакцинирајте се“, рече Сали.
„Се приклучуваме на апелот упатен до верниците да се придржуваат на мерките што институциите задолжени за грижата на здравјето ги упатуваат веќе втора година. Подобро е нештото да го спречиме отколку да го лекуваме“, рече поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан.
„ИВЗ во секој момент апелираше луѓето да се држат до сите мерки што ги донесовме како ИВЗ, во рамки на министерството за здравство. ИВЗ имаше наредба кај сите верници, вакцинацијата да се сфати сериозно затоа што тоа е одлука на СЗО“, рече поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху.