Министерот Минчев во алтернативна реалност – зборува за реформи, а администрацијата се полни пред изборите
Синдикатот УПОЗ има огласи за вработување на 730 административци, како никогаш досега пред избори

Во сите извешати на ЕУ прашањето за јавната администрација е едно од најмногу споменуваните, а ситуацијата во неа меѓу најкритикуваните. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, го знае тоа, но како претставник на владата нема концепт(или храброст) да предложи сериозно намалување на админстрацијата.
Тој денеска зборуваше дека отчетноста на администрацијата е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните, додека реформата на јавната администрација претставува еден од клучните приоритети во пристапното партнерство и важен предуслов во процесот на европската интеграција на државава. Минчев тоа го зборуваше на сесијата на Националната конвенција за ЕУ на Работната група 6 – Антикорупција на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “
Веројатно ништо не можеме да научиме, затоа што партиските тефтери се многу поважни од авропските прирачници.
Во месеците пред локалнита избори ја, веб-страницата на Агенцијата за администрација е преплавена со огласи за вработување. Се бараат административни работници за министерствата, општините, јавните претпријатија, болниците. Сите тие огласи се отворени до крајот на јули, по што започнуваат да важат изборните правила, согласно кои постапките треба да се стават во мирување, освен во случај кога се итни и неодложни.
Од Синдикатот УПОЗ велат дека во моментов има дури 730 објавени огласи за обработка. Такво недшто никогаш не се случило во историјата. Тоа е во времето кога министерот Минчев зборува за отчетност, професионализација и исфрлање на партиските влијанија.
„Службениците во Агенцијата ги спроведуваат постапките за вработување во јавниот сектор. Одговорноста при извршувањето на работните задачи во услови на притисоци и кратки рокови која ја имаат овие вработени е огромна, особено имајќи го предвид фактот дека заклучно со 9 јули 2025 година, бројот на објавени огласи за вработување на административни службеници изнесува 730, а голем број од овие јавни огласи се објавени за повеќе работни места, односно извршители. Ова е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација, видно од годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација“, соопшти УПОЗ.
А само пред една недела, министерот Минчев, на прес конференција, додека ги претставуваше новите законски решенија, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, рече дека со тоа се става крај на партиските вработувања.
Минчев денеска ги повторуваше познатите политички фрази.
„Јавната администрација претставува еден од клучните столбови на евроинтегративниот процес. Без ефикасна, стручна и одговорна администрација, која е во состојба да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да го затвориме ниедно од преговарачките поглавја“, рече тој.
Според него, во стратегијата за реформа на јавната администрација, посебен фокус е ставен на професионализацијата на администрацијата.
„Овие реформи се темелат на принципите на стручност, заслуги и интегритет. Тие гарантираат дека секој административен службеник ќе биде избран, унапреден и оценуван според својот професионален капацитет и личен квалитет – а не според политички или други влијанија“, тврди министерот.
Но прво да поминат овие рекордни 730 вработувања пред локалните избори. (Н.В.)