Министерот Игор Филков ќе магистрира на тема како се води Министерство за правда


Игор Филков (Фото: Б. Грданоски)

 

Дали се нафатил со сите сили и знаење да го води министерскиот ресор што му е доделен или раководењето со него го искористил за да го унапреди своето академоско знаење?

Не знаеме дали кај министерот за правда, Игор Филков, постоела таква дилема, но настаните покажуваат дека тој во овој момент како да се определил за второто. Тој наскоро ќе стане магистер по правни науки  и тоа на тема за министерството што го води.

Медиумот „360 степени“ објави дека на утрешната седница на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ќе се расправата на темата „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“ што ја предлага Игор Филков, студент на втор циклус студии – административно право и јавна администрација.

Менторка на Филков за магистерската тема му е проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска. Други членови на комисијата за одбрана на трудот се проф. д-р Драган Гоцевски и проф. д-р Дивна Илиќ-Димоски.

Ваквиот магистерски  го отвора прашањето за конфликт меѓу темата и функцијата што Филков ја извршува во моментов. А уште повеќе за улогата на менторката проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска.

„360 степени“ пишува дека д-р Шумановска-Спасовска може да се забележи во првите редови на настанот во октомври 2023 по повод потпишувањето на иницијативата за основање на политичката партија „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Министерот за правда Игор Филков е кадар на ЗНАМ, па логично е прашањето дали има конфликт на интереси во овој случај.

Професорката Шумановска-Спасовска вели дека нема.

„Нема судир на интереси бидејќи немам никакви блиски односи со министерот Игор Филков ниту, пак, сум член на политичката партија ЗНАМ или на која било друга партија“, одговорила професорката на прашањето на новинарот. Таа уште додава дека од присуството на настанот „не произлегува дека сум член на ЗНАМ и дека има конфликт на интереси“.

Според неа и темата за магистерскиот труд била соодветна.

И Филков му одговорил на новинарот на „360 степени“ дека нема конфликт на интереси: „За среќа, не постојат ниту конфликтни или неконфликтни, подобни или неподобни теми за стручно и научно истражување“.