Министерот за економија Дурмиши не чувствува одговорност за несреќата во Кочани

Неговиот претходник, Крешник Бектеши е во притвор, а сегашниот министер вели дека Министерството не е надлежно да проверува кој има лиценца или не


Министерот за економија Бесар Дурмиши (Фото: Б. Грданоски)

 

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, не чувствува одговорност за несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани и упати одговорноста да се бара кај институциите што се надлежни за спроведување контрола. Според него, Министерството за економија не е надлежно и нема механизам за проверка дали некој има лиценца, а на прашањето за вината кај неговиот претходник Крешник Бектеши рече дека тој не бил надлежен за давање на било какво мислење за тоа.

Прес-конференцијата на Дурмиши беше посветена за активностите што се преземаат кај угостителските објекти, дел од прашањата беа и за теми поврзани за одговорноста за трагедијата во Кочани. Така, беше конкретно прашан дали мисли дека министерот Бектеши има вина.

„Јас не сум надлежен за давање на било какво мислење за тоа. За мојата работа другите надлежни органи се тие кои треба да кажат било што во врска со тоа“, одговори Дурмиши.

Подоцна, дописничката на Ал-Џезеира Балкан од Македонија, Милка Смилевска, го постави следното прашање:

„Во моментот кога се случува трагедијата во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани на 16 март, сопственикот на дискотеката поседувал фалсификувана лиценца. Но и таа фалсификувана лиценца и тој лажен документ е веќе истечен, имал рок на траење до 13 март 2024 година. Каде е вашата одговорност бидејќи вие сте на чело на министерство кое што издавало лиценци и во моментот на несреќата дискотеката нема никаква лиценца. Факт е дека вашата институција која ја водите и на чие чело сте, потфрли, па ве прашувам за вашата одговорност. Нели сметате дека најмалку што може да направите во вој момент е да си поднесете оставка, бидејќи имате пропуст во вашето работење“.

На ова прашање Дурмиши на почетокот одговори дека нема некој во Северна Македонија кој не чувствува морална одговорност за настанот што се случи минатата недела каде што животот го изгубија многу млади луѓе.

„Она што се случи во Кочани, не е само изолирана трагедија во едно место, туку е алармантен симптом на распаднат систем, длабоко вкоренет во долгогодишната корупција која ја наследивме. За фалц лиценцата која што ја спомнавте, органите на прогон веќе постапуваат и ќе кажат во истрагата. А, Министерството за економија и труд не е надлежно, нема механизам за проверка дали некоја компанија или фирма има лиценца или нема, дали работи согласно докумнтите. Нема механизам тоа да го контролира. Во Министерството за економија и труд се прават политиките, се прават законите, нивно дополнување, менување итн. Значи, одговорноста е кај тие институции кои треба да бидат на терен и да вршат контрола. Но, пак велам, да не се мешаме во работите каде што ние не сме надлежни, органите на прогон веќе постапуваат и се води истрага“, рече Дурмиши.