Министерката за финансии во работно време прима кандидат за градоначалник од партијата

Работна или партиска задача.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска го примила на средба во нејзината канцеларија кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски.
Која била основата да прими во работно време кандидат за градонаачик може само да се претпоставува – веројатно да покаже дека Лукровски ја има и нејзината поддршка во неизвесната битка за Карпош.
Со оваа постапка се брише границата меѓу партиските и државните обврски. Се разбира, Дикитриеска-Кочоска може да разговара со Лукровски, но надвор од времето кога официјално се грижи за државната каса. Со Лукровски бил и пратеникот Тони Јаревски.
За оваа средба Димитриеска-Кочоска сама се пофали на Фејсбук, споделувајќи и фотографија.
„Пријателска и конструктивна средба со Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош, и пратеникот Тони Јаревски.
Разговаравме за претстојните локални избори и за важноста на визијата и одговорниот пристап во управувањето со општините. Карпош заслужува нова енергија посветена на граѓаните, чесна и ефикасна локална власт“, напиша министерката.
Ништо од државата не е свето, па Министерството за финансии може да се користи и за партиски маркетинг.